Презентација на тема „КАЖИ НЕ, НА ДРОГАТА“
Објавено на: 08.04.2012
Во месец декември, оваа учебна година во нашето училиште беше спроведено анкетирање на тема „Користење и димензии на психоактивните супстанци“. Испитувањето беше поттикнато од разговори со родители, наставници, ученици и сограѓани, како и од податоците на студиите кои укажуваат на порастот на употреба на дроги меѓу младите на средношколска возраст во нашата Република.
Доследни на најавата за планирање и организирање на интерактивните работилници, училишната, односно младинската организација, со претседателот Георги Костов, под менторство на училишниот психолог Душанка Иванова, на 25 и 26 март реализираа врснички едукации под мотото „КАЖИ НЕ, НА ДРОГАТА“. Презентер, односно ПИЕР- едукатор беше ученичката Зорица Ташева од II-1 клас.
Главни цели на презентацијата беа:
- Зголемување на знаењето за штетноста на дрогите,
- Развивање на негативни ставови кон ПАС / психоактивните супстанци и
- Донесување на одлука за здрав живот.
Темата беше најавена преку решавање на асоцијација. Презентацијата дозволуваше двонасочна комуникација. Имено, пред откривањето на најзначајните податоци за причините, последиците, бројот на лица кои се зависници и сл., присутните имаа можност да го наведат своето размислување и образложение.
Пораките до нашите ученици беа бројни, со цел да се подигне нивната свест и будност со аргументи и докази зошто треба да кажат НЕ, на дрогата. Имајќи предвид дека еден од најчестите причинители за порастот на бројот на зависниците е сугестибилноста на младите луѓе, бидејќи тие лесно потпаѓаат под туѓо влијание, лесно се откажуваат од својот став, а го преземаат ставот на мнозинството или групата, беа наведени и нагласени повеќе сугестии и насоки зошто и како треба да постапуваат кога некој им нуди дрога или кога имаат некој проблем.
Дрогата е најголемо зло, опасност и уништувач на многу иднини, саканите цели и соништа. Ние очекуваме дека нашите ученици во своето секојдневно делување ќе постапуваат во согласност со стекнатите информации и ќе чекорат по патот на успехот кој секако дека ја исклучува дрогата.
На крајот учениците, односно претседателите и потпретседателите на Училишната заедница на паралелката и членови на младинската организација, пополнија прашалник за евалуација на презентацијата. Од нивните одговори констатиравме дека им се допаднало предавањето, дека сè им било корисно и поучно и во иднина сакаат да продолжиме со организирање на предавања со други актуелни теми.
Ние будно ќе ги следиме барањата на нашите ученици и секако во иднина ќе продолжиме со релизирање на нови работилници, со интересни и значајни и поучни содржини.