Проект „Еко-училиште“


Објавено на: 25.10.2010

Од месец август 2010 година, нашето училиште активно се вклучи во проектот „Еко – училиште“, кој ќе биде со времетраење од три години.

Целта на овој проект е заштита на животната средина и нејзина интеграција во воспитнообразовниот систем. Оваа програма ја спроведуваат Министерството за образование и наука, Здружението на граѓани ОХО и швајцарската агенција за развој.

Преку оваа програма, за заштитата на животната средина, ќе се подигне свеста на учениците, наставниците, техничкиот персонал, родителите и сите други лица кои се вклучени директно или индиректно во училишната заедница, а со тоа ќе се овозможи теоретското знаење да се примени во секојдневниот живот.

Проектот Еко-училиште е наменет за подобрување на изгледот на околината во која учиме и работиме, за развивање на еколошката свест, како и грижа и чување на околината од страна на учениците.

Процесот да се стане еко-училиште е сеопфатен, а функционира на начин во кој се вклучуваат сите субјекти кои се поврзани со училиштето. Со него се охрабрува тимската работа како и заедничкото разбирање за тоа што е потребно за едно училиште и како да се подобри животната средина. Проектот во себе вклучува седум чекори и тоа:

Чекор 1. Формирање на еко-одбор;

Чекор 2. Анализа на состојбата на животната средина;

Чекор 3. Изработка на план на активности;

Чекор 4. Следење и евалуација на напредокот;

Чекор 5. Поврзување на заштитата на животната средина со редовната настава;

Чекор 6. Информирање и вклучување на пошироката заедница;

Чекор 7. Изработка на еко-кодекс.

Со реализација на овие чекори училиштето се стекнува со статус на еко-училиште.

Eko-uciliste1

Ние сме на самиот почеток на реализација на проектот, бидејќи нашето училиште го реализираше само првиот чекор – формирање на еко-одбор, како и одржување состаноци, информирање и изготвување на програма. Членови на еко-одборот се: директорот на училиштето Невенка Поп-Ангелова, претседател, проф. по биологија Богде Коцева, координатор, проф. по филозофија Снежана Миховска, Душанка Иванова, психолог, Јасминка Иванова, педагог, проф. по хемија Магдалена Убавкова, проф. по географија Валентина Димитрова, проф. по физика Илија Ганчев и проф. по филозофија Елизабета Бошкова. Во проектот ќе бидат влучени и родителите, медиумите, локалната заедница и учениците. Направен е избор на точки на акција од четирите еко-стандарди: заштеда на енергија, заштеда на вода, оддржување на училишната зграда, здрава средина во училиштето и уреден и еколошки чист училишен двор.

Eko-uciliste2Понатаму, ќе следува интегрирано планирање на наставата за програмата за еколошко образование. Ова ќе создаде стимулативна и креативна средина за учење, позитивна работна клима, активно учество на учениците, можност за изразување на индивидуалните способности, висок степен на интеракција, тимска работа на наставниците и сл.

Откако ќе ги инплементираме седумте основни чекори, дури отпосле ќе се пријавиме на натпреварот, на којшто има три нивоа награди. Бронзениот и сребрениот сертификат се првите две нивоа, додека зеленото знаме се освојува ако се постигне највисокото ниво.

Се надеваме дека овој проект успешно ќе се реализира во нашето училиште, а резултатите ќе бидат многубројни, како на пример чиста и здрава средина за работа, подобрување на соработката помеѓу учениците, наставниците, родителите, локалната заедница и другите субјекти, финансиски заштеди на училиштето, соработка со други училишта, препознатливост на училиштето и сл.