Проект „Заштита на правата на децата во училиштата“


Објавено на: 31.10.2011

Од оваа учебна година во нашето училиште се спроведува проектот „Заштита на правата на децата во училиштата“. Овој проектот е дел од поширокиот проект „Имплементација на конвенцијата за правата на детето во Македонија“ на Коалиција на младински организации СЕГА, подржан од детската фондација Песталоци.

 

Со реализирање на предвидените цели на проектот очекуваме да се подигне свеста на учениците за нивните права и обврски, согласно со Конвенцијата за правата на детето, да се подигне активизмот на учениците и нивно учество во училишните организации. Предвидено е проектот да се одвива во три фази и тоа:

Фаза 1. Формирање и активно функционирање на класна заедница;

Фаза 2. Формирање и активно функционирање на ученичка/младинска организација и

Фаза 3. Формирање на институција Дете правобранител.

Zastita_na_pravata_na_decata_1

Уште на почеткот на месец септември, во сите класови од прва до четврта година се изврши избор на претседател и членови на класните заедници, на најдемократски начин – преку тајно гласање. Во почетокот на октомври, на Првата и Втората седница на Собранието на ученичка/младинска организација се изврши избор на Претседател, Заменик претседател и Совет на ученичка/младинска организација. За претседател на ученичка/младинска организација е избран ученикот Георги Костов од четврта година, а за заменик претседател е избрана ученичката Романа Ристов од трета година, повторно на демократски и тајни избори на кои гласаа сите членови на Собранието на ученичка/младинска организација.

Zastita_na_pravata_na_decata_2

Вклучувајќи се во овој проект нашето училиште е едно од петте средни училишта во Македонија кое доби можност за формирање на институцијата Дете Правобранител. Дете Правобранител претставува ученик кој ќе се грижи за заштита и почитување на правата на децата во училиштето, кој ќе има обврска да ги промовира правата на детето, да препознава повреда на детските права во рамките на училиштето и да ги пријави на сите случаи на повреда на детските права до надлежните органи во/вон училиштето (Училиштен кадар и Народен правобранител).

Zastita_na_pravata_na_decata_3

По извршениот избор, функцијата Дете правобранител во нашето училиште ќе ја врши ученичката Илинка Ставрова од трета година, а за заменици Дете правобранител се избрани учениците Ристе Петков и Дијана Ташева исто така од трета година. Овие ученици своите функции ќе ги извршуваат во текот на две учебни години. За таа цел учениците во периодот од 21 до 23 октомври 2011 година, во Охрид посетија семинар на тема: Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонијa

Zastita_na_pravata_na_decata_4

Во нашето училиште долги години наназад се негуваат и се јакнат демократските права на учениците, и се поттикнуваат и поддржуваат во сите нивни идеи, залагања и постигнувања.

Овој проект, треба да придонесе уште повеќе да се изгради свеста кај средношколците, за постојано да бидат будни и во тек со сите училишни збиднувања, со една единствена цел, да ги штитат своите права, а со тоа сигурно посериозно ќе ги сфаќаат и преземаат сите свои обврски.