Реализирана завршна екскурзија за учениците од трета година


Објавено на: 01.06.2017

Оваа екскурзија беше предвидена во годишната програма на СОУ Гимназија „Добри Даскалов”од Кавадарци во учебната 2016/2017 година.

Екскурзијата беше организирана согласно Правилникот за организирање на ученички ексурзии од страна на Министерството за Образование и Наука на Република Македонија на релација Кавадарци-Будимпешта-Прага-Дрезден-Салцбург-Виена –Кавадарци.

Вкупно 209 ученика и 7 класни раководители во периодот од 06.05.2017 (сабота) до 12.05.2017 (петок) поминаа неколку незаборавни денови на дружење воодушевувајќи им се на архитектонските градби, културното наследство и природата на следниве земји од Средна Европа: Унгарија, Чешка, Германија и Австрија.

Во аранжманот беа предвидени 4 ноќевања (Будимпешта-1,Прага-2,Виена-1).

Photo 5-12-17 12 44 16 PM 2

Патувањето беше изведено со три високо-туристички автобуси, а сместувањето во хотели со три и четири ѕвезди во 3 / 4 креветни соби.

Тргнувањето беше во попладневните часови и со попатни паузи. Во Будимпешта се пристигна утредента околу 11 часот. По панорамскиот разглед на градот ги посетивме, во придружба на локален водич, Плоштадот на хероите, Рибарската тврдина, Гелертовиот рид и Цитаделата. Потоа следуваше крстарење по Дунав. Учениците беа воодушевени од многубројните мостови што ги поврзуваат Будим и Пешта.

Photo 5-12-17 12 44 05 PM

По ноќевањето и појадокот се упативме кон Прага каде стигнавме во попладневните часови и веднаш направивме разглед на градот со локален водич. Го посетивме Стариот дворец Храдчани, Катедралата Света Вита со капелата Свети Венцеслав каде се чува круната на чешкиот народ и преку Карловиот Мост се упативме низ живописните улички кон плоштадот со астрономскиот часовник –Орлои.

Следниот ден се упативме кон Дрезден, градот распослан на реката Елба. После разгледот со локален водич учениците имаа слободно попладне за самостоен разглед на градот. Потоа се вративме во Прага каде по вечерата имавме повторно ноќно крстарење по реката В’лтава, а потоа огранизирана посета на дискотека.

Утредента рано се упативме кон Салцбург, родниот град на Моцарт и градот на Моцарт топчињата. По разгледот на градот и неговите знаменитости се упативме кон Виена каде пристигнавме во доцните вечерни часови.

По појадокот тргнавме во „освојување” на славната Виена, седиште на моќната Австроунгарска монархија. Ги посетивме славните дворци Шенбрун, Белведере, Операта, широките авении. Овде учениците имаа слободно попладне за индивидуална прошетка и купување.

Целите на овој вид патување беа во целост реализирани, учениците се вратија побогати со едно европско искуство, што ќе ни остане во трајно сеќавање преку безбројните фотографии.

Photo 5-12-17 12 44 12 PM