Во понеделникот 07.10.2013 год. колегата Илија Ганчев го прослави својот 64 роденден. Видно возбуден затоа што оваа година имаше уште поголема причина за славење. Родендени поминале многу, но денот кога го напушташ работното место и заминуваш во пензија е вистински ден за паметење.
Со измешани чувства на радост и тага го одржа последниот час во својата кариера како професор по физика. Звукот на училишното ѕвонче кое го означи крајот на часот ги собра колегите во наставничката канцеларија заедно да ја прослават големата радост. Насмевките на нивните лица зборуваа колку се среќни поради една убава вест, заминување во пензија, но секоја разделба буди и тага за сите заеднички мигови споделени под покривот на својот втор дом, Гимназија „Добри Даскалов“….
Сите овие години кои несебично ги даруваше на работата која ја работеше како нешто најдраго на светот, беше пример за учениците и колегите. Како професор ги воведуваше своите ученици во тајните на физиката, како класен раководител ги учеше на тајните на животот, како колега беше скапоцен камен во колективот, пример за посветеност, трудољубивост, одговорност и човечност.
Животот не се оние денови кои поминале, туку оние кои сме ги запаметиле. Една врата се затвора, а друга се отвора. Колегата Ганчев има многу вредни нешта за паметење, кои не може да ги избрише ниту феноменот на староста. Убави се пензионерските денови исполнети со прекрасни спомени,кои ќе те потсетуваат на еден исполнет и успешен живот.
Среќно пензионирање, драг колега!