Средношколците го изразија својот став во Собранието – највисокиот законодавен дом
Објавено на: 07.03.2019
Едукативната активност „Имам став!“ претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамките на Собранието. Активностите поврзани со „Имам став!“ започнуваат во училиштата, каде под водство на наставниците-ментори се одржуваат состаноци, на кои учениците, поделени на три комисии, дискутираат за одреден политички проблем и за истиот треба да понудат решение, кое ќе треба да го одбранат пред останатите ученици. Едукативната активност завршува во Собранието, каде се одржува симулација на пленарна седница, при што учениците расправаат и одлучуваат во однос на понудените решенија за секоја од избраните теми.
Учениците од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци ги избраа следните три теми за разгледување: намалување на аерозагадувањето; решавање на проблемот со кучињата скитници и старосна граница за добивање на возачка дозвола и ограничувања за возачите почетници.
Во однос на првата тема, комисијата понуди решение да се зголеми паричниот надоместок за регистрација на дизел возилата за 15%. Со мнозинство гласови, овој предлог на комисијата беше усвоен.
За втората тема, предложеното решение беше изградба на стационарни домови за згрижување на кучињата скитници и формирање на „Полиција за животни бездомници“. Со мнозинство гласови, овој предлог исто така беше усвоен.
Во рамките на третата тема, се предложи промена на законот за возачка дозвола за почетници и промена на паричните казни. Ова решение, како и претходните, беше усвоено со мнозинство на гласови.
Целта на одржување на едукативната активност „Имам став!“ е приближување на работата на Собранието и процесот на донесување на закони до младата популација, што ќе придонесе за развивање на нивната свест за демократијата и ќе ги поттикне и подготви за општествена и политичка критичност и вклученост.
Парламентарен институт на Собранието на Република Македонија