IMG 3477

Свечена академија по повод одбележувањето на патрониот празник на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“

„Ние се изборивме за нашиот сон, 70 години СОУ Гимназија „Добри Даскалов“, 70 години успешна приказна која продолжува да се пишува“. Со овие зборови учениците ги поздравија присутните гости во преполната сала на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ на Свечената академија по повод одбележувањето на патрониот празник. Во предвечерието на големиот празник СВ.Климент Охридски чествувајќи го неговото име и дело уште еднаш длабоко се поклонија пред големиот словенски учител и со богата културно-уметничка програма „Мојот сон“ достојно го одбележаа големиот јубилеј на училиштето.

Во своето обраќање, директорката на гимназијата г-ѓа Невенка Поп-Ангелова, ги поздрави присутните истакнувајќи го значењето на јубилејот 70 години од постоењето на гимназијата и 70 години работа и образование на македонски јазик. Говореше за големиот број проекти реализирани во изминатиот период, но и за идните планови кои со право ќе го оправдаат епитетот водечко училиште во регионот и пошироко.„ Ја чуваме традицијата како нешто свето и како жив оган ја пренесуваме низ времето. Зачекоруваме во светот на науката, исполнителноста, креативноста и успешноста“-истакна Поп-Ангелова.

IMG 3477

IMG 3486

IMG 3468

Учесниците во проектот „Мојот сон“ истакнаа :„ Секој човек има свој сон, се бори, го живее сонот, ја исполнува својата мисија. Сите ние, кои во овие 70 години поминуваме низ заедничкиот дом, во училиштето во кое влегуваме како деца, а излегуваме како изградени личности со многу знаења, ставови и соништа, сфакаме колку е голема потребата и корисноста од учење и образование“. Со громогласен аплауз публиката ги поздрави настапите на училишниот хор и оркестар кои на висина на својата задача звучеа како вистински професионалци. Активот по странски јазици се претстави со свои настапи во кои прозвучеа зборови на англиски, француски и германски јазик. Вистинско задоволство беше да се види сестраноста во образованието на учениците. Мјузиклот „Кралица на танцот“ ја затвори програмата со извонредната кореографија, костимографија и песните кои учениците ги испеаја во живо.

IMG 3529

IMG 3530

IMG 3537

Присутните ја напуштија салата со силен впечаток истакнувајќи дека младоста, талентот, работата и креативноста се заштитен знак на успешната приказна СОУ Гимназија „Добри Даскалов“. Во холот на Домот на културата гостите ја проследија ликовната изложба на Роска Трајкова-професор по англиски јазик во гимназијата.

Чествувањето и прославата ја заокружи честитката од генерацијата ученици 1996-2000 година:„Поминаа 15 години откако излеговме од гимназијата, период во кој пораснавме и денес веќе сме возрасни луѓе. Период во кој секоја измината година го прави појасно значењето на вашите совети и знаењата кои ни ги пренесовте. Истите со годините наместо да бледнеат, стануваат појасни и добиваат се поголема смисла. Најсреќни би биле кога нашите деца би имале иста шанса како нас, да ги уживаат истите совети, вредности и знаења“.

Нема поголемо признание за едно училиште од тоа што на многу изминати генерации им е втор дом каде секогаш ќе се навраќаат….некогаш во мислите, некогаш во спомените, некогаш во насочувањето на своите деца.