Учествата на семинари драгоцено искуство за професорите
Објавено на: 10.10.2014
Секое ново стекнато искуство поврзано со професијата е драгоцено искуство кое може да се искористи во подобрување на наставниот процес и да се пренесе до другите колеги. Отвореноста за комуникација и размена на искуства и знаење претставува посебна мотивација за професорите од СОУ Гимназија„Добри Даскалов“.Тие ги следат конкурсите и активно учествуваат со свои апликации со цел стекнување на нови вештини кои ќе ги искористат во воспитно-образовниот процес.
Од 18-21 септември во Коња, Р.Турција беше одржан eTwinning семинар на кој учествуваа 75 претставници од 8 европски држави. Гимназија„Добри Даскалов“ имаше свој претставник на овој семинар, професорката по англиски јазик Александра Петреска. Преку бесплатната онлајн платформа eTwinning можат да се поврзат наставници од цела Европа, да соработуваат преку онлајн проекти и да разменуваат идеи. Сега платформата е отворена за соработка меѓу училишта од иста држава. Сите кои се заинтересирани за работа на ваков вид проекти можат да стапат во контакт со професорката Петреска.Нашето училиште досега има реализирано вакви проекти и е отворено за соработка.
Од 09-29 ноември Секретаријатот на постојниот сојуз на министрите за култура од покраините на Сојузна Република Германија и Педагошката служба за размена организираат хоспитации за странски професори по германски јазик од Африка, Азија, Латинска Америка и Европа. Претставник од нашето училиште ќе биде професорката по герамански јазик Анастазија Костова во стручно училиште во Округ Ветерау, Сојузна покраина Хесен. Целта на престојот во ова училиште ќе биде размена на искуства меѓу Германија и Македонија ,а акцентот ќе биде ставен на просторните услови, училишната средина, колегиумот во училиштето, интересот на учениците спореден во двете земји, планирањето и текот на наставата, односот наставник-ученик и воннаставните активности. Една од задачите на професорката Костова ќе биде на учениците и колегите од Германија да им ја доближи македонската култура.По враќањето во Македонија ќе ги пренесе сите стекнати знаења и ќе отвори нови можности за размена на идеи со цел усовршување на воспитно-образовниот процес во гимназијата.