Вистинскиот избор на професијата е чекор за успешна кариера, напредок и егзистенција


Објавено на: 14.04.2012

На 04.04.2012 год. во кино-салата во Гимназија „Добри Даскалов” се одржа дебата како дел од проектот „Мојата идна професија”. Пред матурантите говореа проф. д-р Александар Димитров, декан на Технолошко-металуршки факултет, г-ѓа Зорица Ставрова-менаџер на администрација во Фени индустри и г.Бобан Ангелески-металуршки инженер.

Debata_za_maturantite_4_arpil_2012_1

Дебатата ја започна проф. Александар Димитров кој на учениците им пренесе дел од своето богато животно искуство, истакнувајќи дека зад секој успех се крие желба, работа, самоодрекување, потенцијал и континуирано учење. Ги посоветува матурантите дека годините на студирање се најважни во животот на младиот човек затоа што тогаш се станува професионалец и потребно е да се направи вистински избор за да се биде задоволен од себе и својата идна професија.

Пред младите гимназијалци истакна дека живееме во време на брз технички развој и дека на пазарот на трудот се поголема е потребата од кадри кои произлегуваат од Технолошко-металуршкиот факултет. Зборуваше за визиите на факултетот и за работните места во производствениот процес во државата.

Debata_za_maturantite_4_arpil_2012_2

Преку своето излагање ги запозна учениците дека минатата година факултетот потпишал Меморандум за соработка со 20 најуспешни компании во државата и согласно со тоа обезбедени се 80 стипендии за студирање. Им ги објасни на учениците условите за стипендирање, соработката со компаниите, праксата, посебно истакнувајќи дека се повеќе внимание се посветува на комбинирање на теоријата со практичната настава како предуслов за квалитетни кадри.

Г-ѓа Зорица Ставрова истакна дека со потпишувањето на Меморандумот ФЕНИ Индустри стипендира двајца студенти годишно, давајќи им можност да напредуваат во образованието. Целта на компанијата е да ги стипендира најдобрите ученици кои еден ден ќе работат во фабриката како квалитетни инженери и идни менаџери.

Debata_za_maturantite_4_arpil_2012_3

Г-дин Бобан Ангеловски, металуршки инженер во ФЕНИ Индустри, истакна дека матурантите треба да ја донесат својата животна одлука, која ќе претставува чекор за егзистенција, успех и напредок. Говорејќи за својата успешна животна приказна како инженер- металург пред учениците ги откри сите убавини на оваа професија апелирајќи им да го направат вистинскиот избор.

Гостите на достоен начин пред матурантите ги претставија студиските програми, профилите, стипендирањето, можностите за вработување, потребата од вакви кадри на пазарот и соработката со компаниите.