Вистинскиот педагог во исто време треба да е режисер и актер
Објавено на: 06.04.2012
Валентина Димитрова – професорка по географија
„Вистинскиот педагог во исто време треба да е режисер и актер“
Многу е важно во училницата да владее весела атмосфера, учениците да се опуштени и низ разни игри да учат. Учењето е тешка интелектуална работа и никого неможеме да натераме да научи нешто ако тој не сака. Присилното учење нема да даде резултати, вели Валентина Димитрова, професорка по географија.
Профеорката по географија Валентина Димитрова вели дека во 1994 г. и се исполнила животната желба да работи како професрока во кавадаречката гимназија. Димитрова објаснува дека како млад професор вложила големи напори за да помогне на учениците да го совладаат материјалот што поуспешно, но не на класичен начин со примена на монолошки методи, туку со примена на современи методи. Таа вели дека многу полесно ќе се совлада наставното градиво преку игри, филмови, квизови, асоцијации.
„За тоа ми беа потребни повеќе часови работа и, секако, вложување повеќе труд од вообичаеното. Но бидејќи работата со ученици ми претставува огромно задоволство и е моја животна желба, не претставува никаков проблем. Притоа, многу ми е важно во училницата да владее весела атмосфера, учениците да се опуштени и низ разни игри да учат. Учењето е тешка интелектуална работа и никого неможете да го натерате да научи нешто ако тој не сака. Токму затоа многу често ги применувам овие игри на час, за да ги мотивирам учениците и да научат нешто со волја.“ вели Димитрова и додава дека присилното учење не дава резултати.
Со текот на годините сфатила дека вистинскиот педагог е оној што истовремено на часот е и режисер и актер за градивото што поинтересно да го презентира. Затоа професорката Димитрова додека пред учениците предава нов материјал користи графоскоп, видео, фотографии и разгледници од земјите што ги посетила но и материјали од нејзиното хоби прес-клипинг – репортажи и занимливости од разни списанија.
„На учениците им е дозволувам на часот да подготват нешто и тиа во врска со содржината и да го презентираат, да поставуваат прашања и да го изнесуваат своето мислење. На тој начин ги учам учениците на размислување, соработка, вештина на комуницирање и тимска работа. Мошне важна мотивација за учениците е и оценката. Кај голем број наставници е врежено мислењето дека лошата оценка ќе ги натера учениците на работа.Јас имам спротивно мислење. Учениците треба да се оценуваат, но и да се наградуваат и пофалуваат. Затоа многу често оценката ја коментирам. Сметам дека добриот професор себеси не се идеализира, но и дека авторитетот на професорот не е во неговата строгост.“
Професорката Димитрова, покрај тоа што применува современи методи во изведувањето на наставата по географија, таа е и кординатор на натпреварите по географија за основните и средните училишта од Кавадарци, Неготино, Росоман и од Демир Капија. Професорката открива дека во слободно време многу сака да слуша музика, но и да свири на нејзиното пијано. Има завршено нижо музичко училиште во Кавадарци.