Завршна манифестација „Бидете секогаш со најдобрите“


Објавено на: 27.05.2014

На 28.05.2014 год.(среда) со почеток во 12 часот во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ ќе се одржи завршната манифестација „Бидете секогаш со најдобрите“ .Цел на овој проект, кој помина низ неколку фази е промоција на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ пред учениците од основното образование кои го одбираат училиштето каде ќе го продолжат своето средношколско образование.

Со распишувањето на конкурсот за најдобар рецитатор, најдобар вокален интерпретатор и најдобра презентација, гимназијата ги отвори своите врати за учениците промовирајќи се како училиште со долга традиција, успешност, високи награди во сите области, професионалност, иновативност и креативност.

Во месец март во училиштето се одржа аудиција за осмооделенците од сите основни училишта од Кавадарци и регионот. На аудицијата учествуваа околу 200 ученици. Комисиите составени од професори од гимназијата ги одбраа најуспешните во трите категории. Најдобрите ученици ќе добијат можност преку изведба на музичко-сценски перформанс да се претстават пред пошироката публика која ќе го поздрави нивниот талент,трудољубивост и желба за знаење и докажување.

На манифестацијата ќе бидат доделени наградите за најдобар рецитатор, најдобар вокален интерпретатор и најуспешна презентација.

Со оваа манифестација СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ ќе заокружи уште една успешна наставна година , година исполнета со многу проекти, многу награди, признанија и успеси. Гимназијата ќе се гордее со своите идни ученици и ќе ги поддржува талентите кои сите заедно ќе ги поздравиме во среда со мотото„Бидете секогаш со најдобрите“.