На третата и завршна обука за форум театар методологија, која се одржа од 19 до 21 август во Охрид, присустуваа Кочо Кочов, проф. по македонски јазик и литература и м-р Зоран Милевски, проф. по информатика. На оваа обука, заедно со професори од 12 училишта од нашата земја тие искусија нови перспективи и одиграа многу нови улоги кои во иднина треба да придонесат за унапредување на комуникацијата меѓу професорите и учениците, и справување со секојдневните предизвици.
Процесот кој ја тестираше флексибилноста и отвореноста на професорите од неколку средни училишта, истовремено создаде простор за целосна анимација, во кој тие уживаа и се запознаа со форум театар методологијата, како алатка која ќе ја користат во работа со учениците.
Форум театарот е искуствена алатка која ги разбива стереотипите и отвора нови врати во комуникацијата и креативното разрешување на конфликтите. Самиот перформанс претставува кратка драмска сцена која обелоденува конфликт помеѓу „опресорот“ (улога во хипотетичката сцена) и уште еден лик на сцената. Публиката ја следи сцената од почеток, а по нејзиното одигрување дел од присутните добиваат шанса да излезат на сцена. Крајната цел е да се разреши конфликтот, а начинот го избира храбриот член од публиката кој излегува на сцена да му се спротивстави на „опресорот“, кој пак, ја има единствената постојана улога. Џокерот – модератор ја води комуникацијата со публиката и го балансира целокупниот процес.
Последната обука од циклусот обуки за форум театар методологија беше најпрактичната досега. Професорите ги разоружаа своите емоции, беа и џокери и глумци, се раздвижија и физички и мисловно преку еден интензивен процес којшто го зацврсти нивното знаење и им помогна да се здобијат со вештини кои ќе им ја олеснат работата со младите.