Приказна за една идеја


Објавено на: 16.02.2010

Минатиот зимски распуст воопшто не го користевме рационално. Времето го минувавме „висејќи“ на skype и пред телевизорите.Почнав да се чувствувам како да ја затупувам креативноста , а трупам калории со чипс. Под „итно“ ми требаше некаква активност, нешто што ќе ме ангажира , нешто што ќе биде корисно и за мене и за општеството.


Иако привидно се откажавме од идејата да реализираме PHV-CKA (Промоција на хумани вредности – Црвен крст во акција) проект, друго решение за да ја разбиеме зимската монотонија – не можевме да најдеме. Се собравме сите од екипата која беше на предавањето и …тоа беше доволно за да се родат рој идеи. Маја постојано запишуваше нешто во тефтерчето и на крај – тоа го искористивме како концепт за нашата идеја,нашиот проект,нашата цел која наскоро успешно ја реализиравме. Се информиравме кај претседателот на О.О.Црвен крст – Кавадарци кому би можеле да му помогнеме,па се пуштивме во акција.

Prikazna_za_edna_ideja_1

Идејата беше следна – се ближи празникот на вљубените па ќе го обележиме денот со културна манифестација која вклучуваше – ревија со венчаници,натпревар во пеење и многу гости од кавадаречката музичка сцена. Значи, сега требаше да најдеме и учесници. Успеавме и во тоа – најдовме десет пара во улога на „момче и невеста“ , десетина девојки се пријавија за натпреварот во пеење , а им се јавивме и на пеачите со кои можевме да контактираме
Ах,да!.Ќе заборавев на еден „мал“ детал. Всуштност и немаше да биде интересно ако се беше така лесно. Се соочивме со голем проблем. Имавме одлична идеја, бевме мотивирани , имавме морална подршка од сите..но – имавме и буџет од 0 денари. Како и да е , кога се сака се се може – најдовме спонзори после 2 недели секојдневно шетање по фирмите низ градот и после педесетина писмени молби до фирмите. Толку млади и неискусни, а толку амбициозни!
Се ближеше денот за кога беше закажана манифестацијата. Испечативме карти и прекрасни плакати – но , немавме со што да платиме. Ги зедовме картите и плакатите,плакатите ги залепивме по градот,а картите ги продававме истата вечер за да собереме барем 1 500 денари со кои би ги покриле трошоците за нив. Да не одолговлекувам повеќе – ќе приминам на главното! Дојде и 11 фебруари. Се плашевме дека нема да имаме доволно публика,се плашевме дека нешто ќе тргне наопаку, дека ќе згрешиме нешто на чекор пред целта. И … уф колку беше прекрасно чувството кога се појавив на паркетот пред двеилјадната публика која не ги штедеше дланките. Проектот беше успешен! Целта беше постигната – манифестацијата заврши во најдобар ред, потребните пари беа собрани, па во наредните неколку дена направивме пакети со прехрамбени продукти и го однесовме на 20 семејства кои беа во најтешка социо-економска состојба. 
Работејќи под мотото „иако сме мали – навидум , големи сме по своите дела“ докажавме дека можеме да го промениме светот. Бевме неизмерно горди на својот успех и неизмерно благодарни на луѓето кои не поттикнаа. Импресиите ги сумиравме уште многу пати после проектот, а таквиот разговор го завршувавме со помислата „идната година ќе го повториме ова!“

Prikazna_za_edna_ideja_2

Една година подоцна…здодевен училишен час. Лекцијата не успеваше да ни ги задржи мислите кои летаа низ прозорецот…се до С.С. Јасмин. Штом го слушнав ѕвончето, екипата повторно се најде на едно место. Предлог. Потврден одговор. Посета на претседателот на ООЦК. Одобрување. И повторно реализација на уште еден успешен проект!Повторно се разбуди ентузијазмот со кој почнавме да работиме минатата година. Годинава имавме уште посилна причина! Да спасиме невин детски живот! За неполни 20 дена организиравме уште една манифестација,на истиот датум,на истото место, во истото време..со истите аплаузи..со истите пофалби..со истата желба овој наш проект да прерасне во традиција на Клубот на млади при ООЦК – Кавадарци. 

Кога веќе ги споменав младите од ООЦК – Кавадарци , да ги набројам и имињата на учесниците во овој проект : јас (Мартина Ристеска) , Маја Трајкова, Росана Кочова, Несле Мустафова, Раде Гинев, Васко Ѓорѓиевски, Борис Кочов и Драгана Трајкова. Би сакала да им заблагодарам и на Општината и Советот , секако и на градоначалникот на Кавадарци кои не подржаа финансиски. Освен нив ни помогнаа и Кожуфчанка, Медитеран – комерц, Лебед , Модива, Трезор , Горска , Слога, Минекс … Огромна благодарност и до Претседателот на ООЦК – Кавадарци кој ја подржува секоја наша идеја, и до професорот Александар кој секогаш ни помага во реализацијата на проектите.

Prikazna_za_edna_ideja_3

Што друго да додадам … човечноста го одржува човештвото! А Црвениот крст е секогаш спремен да одговори на повиците за помош на секој граѓанин. Довидување, до наредната година…