Проект-дебата на тема „Мојата идна професија“


Објавено на: 05.03.2010

Во периодот од 23.11.2009 до 30.11.2009 училишниот психолог спроведе анкета во вид на прашалник во сите паралелки на IV година. Анкетата содржеше прашања кои се однесуваа на изборот на професијата и концептот Државна матура. Истражувањето ги имаше следниве цели:


◙ да се утврди бројот – процентот на матурантите кои планираат да студираат;
◙ да се констатира кои универзитети се побарани – државните или приватните;
◙ да се откријат мотивите за конкурирање на одредени факултети;
◙ да се согледа кој најмногу влијае при донесувањето на одлуката на ученикот каде 
понатаму;
◙ да се откријат прашањата поврзани со концепцијата на Државната матура на кои
сакаат одговор и дополнителни информации.

Крајна и главна цел на анкетирањето беше да им се понудат неопходните и вистинските информации на учениците, да се преземат соодветни активности за надминувањето на одредени дилеми поврзани со полагањето на Државната матура и секако со професионалната ориентација.     

Изборот на професијата е една од најзначајните одлуки во животот на секој човек. Врз основа на спроведената анкета, а во интерес и на иднината на учениците во Гимназијата и нивниот избор на вистинска професија во која ќе се пронајдат себе си, а со тоа и ќе си овозможат подобра и посигурна иднина, матурантите од Училишната заедница на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“, со поддршка на Директорката на училиштето Невенка Поп-Ангелова и стручните соработници (психолог Душанка Иванова и педагог Јасминка Иванова), започнаа со проект-дебата на тема „Мојата идна професија“.

debata_1

На 4. 03. 2010 година, во 18:05 часот во Кино-салата на училиштето беше организирана првата дебата на која учествуваа гости со професии од правната и економската струка. Дебатата ја отвори Директорката на училиштето Невенка Поп-Ангелова. За учениците говореа г-дин Александар Панов, градоначалник на Општина Кавадарци; г-дин Миленко Гајиќ, внатрешен ревизор; г-дин Зоран Јосифов, судија; г-ѓа Елизабета Јосифова, адвокат; г-ѓа Мирјана Сеизова, директор на Стопанска банка; г-ѓа Јелица Малинкова, директор на УЈП и г-дин Зоран Бошков, комерцијалист во АД Тиквеш.

debata_2

Вклучувањето на компетентни и образовани луѓе од различни научни области во овој проект е со цел да гo споделат сопственото искуство од професијата што ја извршуваат, впечатоците од нивното студирање на факултетот што го имаат завршено и мотивите за доусовршување во областа на којашто и припаѓа професијата што денес ја работат.

debata_3

Сите гости со своите излагања оставија силен впечаток кај учениците. Г-динот Градоначалник Александар Панов беше мошне искрен и кажа дека за Правниот факултет се одлучил по сугестија на неговите родители, додека се двоумел помеѓу археологијата и режијата. На учениците им порача дека во животот е најбитно секој да се стреми да стане добар човек, а потоа сè друго. Г-ѓа Елизабета Јосифова го искажа своето искуство од периодот на своето студирање, краткото искуство како професор во оваа Гимназија, работењето во стопанство како правник, до денес во адвокатурата. Судијата г-дин Зоран Јосифов со гордост изјави дека врв во правната професија е титулата судија, иако е мошне одговорно и тешко да се понеси тежината на проблематиката на оваа функција. Г-ѓа Мирјана Сеизова, дипломиран економист, зборуваше за работата во банкарсвото и љубовта со којашто ја работи оваа сериозна професија. Г-дин Зоран Бошков со Економски факултет и со многу добиени сертификати стигнал до позиција на успешен комерцијалист. Тој им објасни на ученците дека само со работа и упорност се оди напред во професијата и се постигнува сигурен успех. Г-дин Миленко Гајиќ даде јасен опис на професијата внатрешен ревизор, додека г-ѓа Јелица Малинкова, се обиде да појасни дека со Економскиот факултет работи како директор на УЈП, меѓутоа патот до оваа функција воопшто не ù бил лесен и едноставен.

debata_4

Се надеваме дека и на идната дебата на тема „Мојата идна професија“ ќе има интересни гости со професии од други области коишто ќе привлечат големо внимание кај учениците. Информациите од докажани професионалци во својата работа ќе бидат поттик и мотив повеќе за учениците коишто имаат јасни амбиции, со поголема самодоверба да го продолжат своето образование на Високите образовни институции.