Калиопи Букле, гостин во Гимназијата


Објавено на: 04.05.2011

Проектот „Мојата идна професија“ во нашата гимназија се роди минатата година за да им помогне на матурантите поодлучно и посигурно да ја изберат својата идна професија. Како дел од овој проект, беа повикани да дебатираат повеќе луѓе, кои се успешни во својата професија. Годинава, проектот се прошири со гости од цела Македонија, коишто доаѓаа да им помогнат на матурантите во нивниот избор.

KaliopiBukle_1

Во оваа проект-дебатата нашата последна гостинка беше Калиопи Букле, која воедно предизвика и најголема возбуденост и воодушевување кај матурантите, како една од највпечатливите поп-икони помеѓу македонски музички ѕвезди, а во моментот актуелна во шоуто за музички таленти „Македонски идол“. Почестени од нејзиното присуство, матурантите со нетрпение го очекуваа нејзиното доаѓање.

KaliopiBukle_2

Дебатата ја отвори Директорката на училиштето Невенка Поп-Ангелова, која отворено нагласи дека голем предизвик е да се пречека естраден уметник со врвни успеси. Таа истакна дека кај секој млад човек постојат можности да се препознае професијата од соништата и во животот да се оствари сонот. За ова е потребно лично познавање, храброст и волја нешто да се промени. Со овие зборови ù посака пријатно да се чувствува помеѓу учениците. Потоа претседателот на училишната заедница Илија Исаков накратко се обрати и од името на сите ученици-матуранти ù посака топло добредојде.

Kaliopi2

Калиопи беше топла и непосредна, како и секогаш. Со себе ја донесе онаа енергија која зрачи од неа каде и да оди. Без стеснување зборуваше за своите грешки, а нејзина единствена цел беше тие да не бидат повторени. Несебично ја сподели со учениците својата животна приказна, прераскажувајќи им ги своите професионални искуства, кои ги стекнала на својот пат кон успехот. Им укажуваше на фактот дека животот треба да се фати за гуша и од него да се изнуди најдоброто, не заборавајќи да напомене дека за било што и да се определат матурантите треба да го сакаат и да го работат со уживање. На крај им посака никогаш да не се откажуваат од потрагата по своето Јас и да веруваат во себе. „Бидете горди на себе и не отстапувајте пред предизвиците“, порача Калиопи, присетувајќи се на спомените од детството. „Секое искуство мора да се плати, но секое искуство кое е одбрано од ваша страна никогаш нема да биде погрешно.“ Калиопи ја нагласи потребата и значајноста за изучување на странските јазици кои се важен сегмент од професионалното издигнување. Најважно од сè е да не се откажуваме од својата цел и да ја следиме сопствената интуиција, не плашејќи се да преземеме ризик.

Kaliopi3

По завршувањето на дебатата, учениците ја пречекаа во училишниот двор со звуците на нејзината песна. Музичката група„Dirty Minds“, составена од ученици од училиштето, заедно со ученичките Анета Мишева и Наталија Славева исполнија неколку нејзини композиции и познати светски хитови. Таа, како и секогаш, не издржа да не запее, па не почести со еден рефрен од легендарната и омилена – „Бато“ . Импресионирана од севкупната организација и гостопримство, Калиопи го делеше нашето мислење, дека овој несекојдневен настан долго ќе остане во сеќавање.

Kaliopi5

Повеќе слики тука

{qtube vid:=AsY42Q7F2O0}