Ученици од гимназијата учествуваа на финалната работилница на Црвен Крст во Струга


Објавено на: 02.06.2012

Учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ масовно се активираа во Црвениот Крст изработувајќи проекти во рамките на програмата ЦКА ПХВ (Црвен Крст во акција – промоција на хумани вредности).

По дводвневната обука на која дисиминатор беше проф. Кочо Кочов, учениците изработија пет проекти кои беа оценети со највисоки оценки, а лидерите на најдобрите Стефани Крстева и Моника Петковска учествуваа на тродневна финална работилница во Струга. Највисоко беше оценет проектот „Под ова небо исти сме сите“ со кој на штитениците од Специјалниот завод во Демир Капија им беше доделена машина за перење на алишта со собраните средства од изведбата на театарската претстава „Коштана“.

Својата хуманост учениците ја покажаа преку акции за собирање алишта, собирање парични средства за лекување, прехрамбени продукти за социјално загрозени семејства и донација за Дневниот центар за лица со посебни потреби.

По реализацијата на проектите учениците заеднички констатираа дека не постои поголемо задоволство од тоа да направиш некого среќен барем за момент, да го споделиш она што го имаш со оние на кои им е неопходно, да продолжиш нечиј живот…