Планинарски поход на гимназијалците од Кавадарци


Објавено на: 17.10.2012

„Орле“ развиори македонско знаме на врвот на Мусала

Следна цел на младите планинари, по освојувањето на највисокиот врв на Балканот, е планината Олимп во Грција.

Четворица средношколци од Кавадарци викендов го развиорија македонско знаме на врвот на Мусала во Бугарија. Планинарите Симона Станоева, Сашко Јосифов, Влатко Бумбаровски и Здарвко Ставров се искачија на највисокиот врв на Балканот, врвот Мусала на палнината Рила во Бугарија, висок 2.925 метри. Тие беа дел од поголема група на планинари на планинарското спортско друштво „Орле“.

Planinarski_pohod_gimnazijalci

 

– Чувството да си на највисокиот врв на Балканот е прекрасно. Тоа со зборови не може да се опише, може само да се доживее. Би им препорачал на сите млади да се занимаваат со планинарство како начин на здрав живо – вели Сашко Јосифов.

 

И Здравко Ставров им препорача на младите да планинарат за да бидат здрави, да се чувствуваат убаво и да стекнат нови искуства.

– Неповторливо доживување е да се биде на таа височина и да се има Балканот на дланка и да се гледаат убаво предметите на радиус од околу педесетина километри. Кога одевме нагоре гледавме пред себе огромни планини, а кога веќе бевме на врвот, тие станаа толку ситни под нашите нозе – нагласи Ставров.

Нивната врсничка Симона Станоева кажа дека е убаво да се биде дел од природата.

– Во планината, освен што се релаксира телото, се релаксира и умот. Проблемите се оставаат на подножјето – вели таа.

Задоволен беше и Влатко Бумбаровски.

–    На поголема височина теренот беше многу карпест и тежок за искачување, а како одевме повисоко и повисоко се соочувавме со многу ниски температури. Последниот половина час од враќањето го одевме во мрак. По пат склучивме познанства со планинари од други земји со кои се договоривме за заеднички акции – откри Бумбаровски.

Од 22 планинари на планинарското спортско друштво „Орле“ од Кавадарци само 12 успеале да се качат на врвот, а останатите останале во еден од планинарските домови на планината Рила. На некои од тие што не успеале да се качат на Мусала ова им било втор неуспешен обид по 12 години. Организатот на акцијата беше искусниот планинар Никола Минчиров.

Сладна цел на овие млади кои учат трета година во гимназијата „Добри Даскалов“ е планината Олимп во Грција, а нивен сон е Монт Еверест.

Текстот е преземен од дневен весник