Се вратија учениците од Троген
Објавено на: 01.04.2013
Денес, директорката на гимназијата г-ѓа Невенка Поп-Ангелова во својата канцеларија ги прими учениците кои учествуваа во проектот за Интеркултурна размена во детското село Песталоци, во Троген, Швајцарија.
Размената беше во рамките на проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Македонија“ кој го спроведува коалицијата на младински организации СЕГА, а е финансиран од Детската Фондација Песталоци (Pestalozzi Children’s Foundation).
Учениците заедно со професорката по англиски јазик Донка Лалкова ги пренесоа своите импресии и емоции од престојот во Троген. На нивните лица сèуште се забележуваше возбудата, радоста и среќата за времето поминато таму. Сите ученици имаа желба да ги пренесат своите лични искуства и да ја доближат атмосферата од престојот во детското село.
Проектот промовира мирољубива кохабитација и настојува да ја подигне свеста за сличностите и разликите во сопствена културна ориентација кај младите луѓе.
Нашите ученици беа заедно со учениците од средните училишта од Македонија, и тоа од: Прилеп, Дебар, Куманово и Тетово и истите поминаа заедничко време во периодот од 11 до 27 март 2013 година.
Сите ученици живееле заедно во куќа, посетувале курсеви и учествувале во работилници за интеркултурно образование, а воедно направиле и размена со друга група на млади луѓе, односно со пет средни училишта од Република Србија.
Во рамките на курсевите учениците се запознале со информации за интеркултурната комуникација. Тие научиле да бидат свесни за себе, за своите ставови, верувања и однесувањата кон другите.
На секој од учесниците им бил доделен сертификат за својата активност и креативност за време на работилниците.
Засекогаш ќе им бидат запаметени екскурзиите за време на викендите во Цирих, Луцерн, Сент Гален и посетата на музејот за наука и технологија „Технорама“.
Своите впечатоци, искуства, сознанија и многу нови пријателства, учениците ќе ги споделат со своите врсници, како и со локалните медиуми, а посакаа уште многу нивни соученици во иднина да го посетат детското село во Троген.
Средбата со директорката заврши со договор за остварување соработка со училиштата од Р.Србија на коишто ќе им биде испратена официјална покана од училиштето за реализирање активности и на некое друго поле.