Учество на „Образовно рандеву 2013“


Објавено на: 24.04.2013

На 19 и 20 април, во Тетово на Универзитетот на Југоисточна Европа се одржа „Образовно рандеву 2013“ во организација на МАССУМ (Младинска организација на средни стручни училишта на Македонија) со поддршка  на УСАИД, Министерството  за образование и наука и Бизнис партнери.

Образовното рандеву е значаен средношколски  настан во  нашата држава,  на кој голем  број  ученици се натпреваруваат во најразлични категории поврзани со нивниот кариерен развој: интервју за работа, јавен говор, маркетинг план, постер на училиште, видео реклама  итн. На ова манифестација се проверуваат знаења, умеења, вештини, способности кои не секогаш се стекнуваат директно од наставната програма туку низ интеракција и активност, а кои ќе им требаат во иднина при вработување.

Наши ученици редовно учествуваат на овој натпревар, кој традиционално се одржува секоја година, а  за првпат беше организиран 2006 година, во Скопје.

На  Образовното рандеву 2013, учествуваа околу 1000 ученици од 43 средни стручни училишта во Р.Македонија. СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ се пријави да се натпреварува во четири категори: јавен говор со ученичката Симона Станоева под менторство на проф. Љубица Станоевска, интервју за работа со Ристенка Касапинова под менторство на училишниот психолог Душанка Иванова, најдобар постер со учениците Наталија Јошева и Игор Димовски под менторство на проф. Лоска Давчева и најдобра видео реклама со тим на ученици: Павле Богев, Ѓорѓи Белевски, Александра Цветкова и Дајана Ѓелова, под менторство на проф. Благородна Лазова.

                           1   2

На натпреварот најдобра видео реклама на тема „Екологија и одржлив развој“ нашиот тим на ученици: Павле Богев, Ѓорѓи Белевски, Александра Цветкова и Дајана Ѓелова, под менторство на проф. Благородна Лазова го освои второто место.

        3   4

Забележителни беа настапите на нашите ученици во останатите категории, а стекнатото искуство ќе биде корисно за идните нивни учества на саеми, натпревари, конкурси и други манифестации од различен карактер.