Учество на гимназијалците во традиционалниот Вински карневал на манифестацијата„Тиквешки гроздобер-2013“


Објавено на: 15.09.2013

По повод културно-стопанската манифестација „Тиквешки гроздобер-2013“, учениците од СОУ Гимназија„Добри Даскалов“ зедоа активно учество во Винскиот карневал кој се одржа на 14 септември.

За збогатување на карневалското дефиле беа ангажирани околу 150 гимназијалци кои со гордост го прифатија предизвикот оваа година достојно да го претстават славењето на грозјето,виното и  лозарството.

Поставката која продефилира на кавадаречкиот плоштад беше составена од соодветно костимографирани ученици кои го доловија духот на египетскиот , ренесансниот и современиот период.Посебна чест за гимназијалците претставуваше учеството на учениците од збратимените училишта од Крушево и Крагуевац,кои со своите комитски поставки го збогатија винскиот карневал , разменија искуства на полето на културата и уште еднаш ја потврдија одличната соработка со кавадаречката гимназија.

Оваа година на учениците од драмската секција им припадна честа да го завршат карневалот  со соодветен перформанс кој претставуваше прослава на виното и грозјето низ вековите до денес.Присутните видоа мултимедијален проект во кој беа вклучени 50 ученици кои преку рецитаторство,нарација и драматизација ги оживеаја предисторискиот,античкиот,средновековниот и современиот период.Соодветната музика за секој период и двете балетски точки дадоа круна на сечењето на првиот грозд и благословите за успешна берба од страна на градоначалникот Александар Панов.

Вечерта заврши со богата културно –уметничка програма ,многу забава и дружба на учениците со своите врсници од збратимените училишта кои не го криеја задоволството од топлото кавадаречко гостопримство.