Создавање на македонската револуционерна организација (МРО)


Објавено на: 22.10.2013

Животот на македонскиот народ особено се влошил по одржувањето на Берлинскиот конгрес. Со добивањето на независност на соседните балкански држави(Србија, Бугарија, Романија,Босна и Херцеговина) територијата на Македонија се претворила во погранична територија во османската империја.На територијата на Македонија од новопрогласените независни балкански држави се доселиле голем број бегалци-мухаџири. На овие бегалци муслимани од страна на османската власт им биле давана најдобрата обработлива површина поради што уште повеќе се продлабочил јазот на незадоволставо кај македонскиот народ. На сето тоа уште се надоврзале и тешката економска криза, нападите од арамиските банди како и силните пропаганди од страна на соседните држави. Сите овие фактори придонеле да се создадат услови за создавање на една македонска организација чија цел ќе биде ослободување на македонскиот народ од османска власт.

Македонската револуционерна организација (МРО) била формирана на 23 октомври 1893 година во Солун во куќата на Иван Хаџи Николов. Нејзини основоположници биле: Христо Батанџиев, Даме Груев, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов и Антон Димитров. На основачкиот состанок се разговарало за идната политичка работа во Македонија и неопходноста за организирана работа во неа. За оставарувањето на таквата цел групата сметала дека централно место на дејствување треба да биде градот Солун.

Организациона поставеност, Устав и Правилник на организацијата

Една година подоцна од формирањето бил одржан нов состанок на кој што организацијата била конечно оформена.На овој состанок во 1894 година бил донесен Уставот на организацијата кој го изработил Петар поп Арсов. На овој состанок бил избран и првиот Централен комитет на чело со Д-р христо Татарчев за претседател и Даме Груев за секретар на организацијата. Според Уставот оваа организација била тајна и во неа можел да членува секој кој што се залага за Автономна Македонија како преодна фаза до конечното ослободување, без разлика на полот, верата и народноста. Во текот на истата година бил изработен и Правилник од страна на Иван Хаџи Николов. Организацијата свои мрежи имала по сите македонски градови и села, а во неа членувале и луѓе од различни националности.

Голема улога во ширењето на МРО имал Гоце Делчев. Гоце Делчев е роден во Кукуш во 1872 година каде завршил основно образование. Гимназија завршил во Солун, а потоа се запишал на воена академија во Софија. Оттука бил избркан поради немирниот дух и револуционерни идеи особено поради контактите со македонските социјалисти. По исклучувањето од военото училиште дошол во Штип каде бил поставен за учител. Тука за прв пат се сретнал со Даме Груев преку кој дошол во допир со МРО. Гоце Делчев веднаш се вклучил во организацијата и зазел важно место во нејзиното ширење. Обиколувајќи ја територијата на Македонија успеал да формира голем број на месни комитети кои успеал да ги снабди со оружје и муниција и да го подготви народот за востание.

 Солунскиот конгрес на организацијата и неговото значење

Во Солун во 1896 година бил одржан конгрес на МРО на кој присуствувале 16 делегати. На овој конгрес бил донесен нов Устав и Правилник кои биле изработени од Гоце Делчев и Горче Петров. МРО била преименувана во Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО) поради тоа што нејзината дејност се приширила и на Одринско.

За полесно раководење сета територија на Македонија била поделема на 6 окрузи и тоа: Солунски, Скопски, Битолски, Струмички, Одрински и Серски. Окрузите биле поделени на околиски и селски комитети.

За подобра комуникација со македонската емиграција во Софија било создадено Задгранично претставништво чие седиште било во Софија, а први претставници биле Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

Била создадена тајна полиција и револуционерни судови на теренот, а организацијата издавала и свои весници: Бунтовник, Дело, На оружје, Слобода или смрт и др.

Создавање на вооружените сили, финансирањето на организацијата и провалите во неа

Од 1898 година ТМОРО пристапила кон создавање на свои вооружени сили за чие формирање бил задолжен Гоце Делчев. Во почетокот четите лично се вооружувале, а додека подоцна се основале неколку работилници за правење на оружје и муниција.Со наголемувањето на бројот на четите се зголемувала и потребата од вооружување. При недостиг на финансиски средства често се случувало киднапирање на некој богат Турчин или на некој друга богата или значајна личност од страна на организацијата за да се дојде до пари за купување на оружје и муниција. Таков е случајот со грабнувањето на протестанската мисионерка Мис Стон од страна начетата на Јане Сандански.Овој настан го зголемил моралниот и политичкиот авторитет на МРО, поради тоа што по ослободувањето самата мисионерка проговорила пред светската јавност дека членовите на МРО не се бунтовници како што ги опишуваат турските власти туку борци за слобода. Мисионерите со свои очи виделе кој се бори и какви се страдањата на македонскиот народ.

Паралелно со развитокот на ТМОРО турската власт почнала постепено да ги открива тајните на Организацијата, што ќе резултира со повеќе провали, апсењана на поединци, групи и цели комитети.

Првата провала се случила во Битола во 1896 година кога во вреќите со ориз на Доне Стојанов од Штип биле пронајдени неколку бомби пренесувани од Штип за Битола. Доне Штипјанчето ќе биде забележан во македонската историја по својата револуционерна нескршливост поради тоа што не предал ништо што се однесува на ТМОРО. Треба уште да ги спомнеме Виничката, Радовишката, Битолската во 1900 година во која бил уапсен Даме Груев и најтрагичната по македонското ослободително движење е Солунската провала од 1901 година кога биле уапсени поголем дел од членовите на ЦК на ТМОРО како: Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев и др.

Провалите му нанеле огромна штета на македонското револуционерно движење, меѓутоа самата појава на провалите низ целата територија на Македонија укажува на постоењето на една силна револуционерна организација која работела за конечното ослободување на македонскиот народ.

Рилскиот конгрес на организацијата

По Илинденското востание кризата во редовите на Револуционерната организација дошла до израз. Во нејзините редови се воделе остри дискусии за неуспехот на востанието и се барале начини и патишта за да се среди таа. За консолидирање на редовите на Организацијата се одлучило да се одржи општ конгрес.

Во октомври 1905 започнал со работа Општиот конгрес на Организацијата познат како Рилски. На конгресот дошле до израз спротиставеностите меѓу двете струи „левицата“и „десницата“и биле разгледани повеќе важни прашања од организациона и програмска определба. Во работата на конгресот учествувале 22 делегати од цела Македонија. За претседател на конгресот бил избран Дамјан Груев а за срекретар Аргир Манасиев. На конгресот е одлучено Организацијата да го смени името од Тајна македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО), била преименувана во Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО).

Самото одржување на Рилскиот конгрес на ВМРО донело извесно смирување на внатрешните спротиставностите, но само за кратко време.

 

Текстот го подготви Горан Пановски, проф. по историја