Избрани Дете Правобранител и негови заменици


Објавено на: 17.02.2014

Во рамките на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“ којшто се реализира во нашето училиште, а го спроведува Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со невладината организација ЗОНА од Кавадарци, се реализираа неколку активности, меѓу кои и изборот на Дете Правобранител и двајца заменици.

На распишаниот повик за избор на Дете Правобранител и негови заменици се пријавија вкупно 9 кандидати за Дете Правобранител и 4 кандидати за Заменик Дете Правобранител.

Dete pravobranitel i Zamenici

Кон крајот на месец декември комисијата по пат на интервју ги избра: Митко Ѓорѓиевски ученик од 3-7 клас кој ја доби функцијата Дете Правобранител, Сандра Костова од 2-4 клас која ја доби функцијата Заменик Дете Правобранител и Ѓорѓи Белевски од 3-7 клас, кој исто така, ја доби функцијата Заменик Дете Правобранител.

Мандатот на функцијата и улогата на Детето Правобранител и неговите двајца заменици е со времетраење од две години.

Воспоставувањето на функцијата Дете Правобранител како механизам за заштита на правата на детето во училиштата ќе придонесе за зајакнување на заштитата на детските права во училиштата.

Функцијата на Детето Правобранител ќе биде реализирана преку едукативни – врснички работилници за детски права спроведени од Детето Правобранител и неговите заменици.

Втората функција на Детето Правобранител и неговите заменици ќе биде поддршка за заштита на детските права и канал за информации за другите ученици во училиштето, како и препознавање на прекршување на детските права и прибирање поплаки од учениците.

На избраните кандидати директорката на гимназијата им го честита изборот и функцијата и им посака успешно промовирање на детските права во училиштето, како и реализирање на активности кои ќе бидат во интерес на учениците.

Останува уште на тројцата кандидати и нивниот ментор да им посакаме убав престој на четиридневниот семинар којшто ќе се одржи во Охрид, како и споделување на позитивните искуства со нивните врсници.