Големината на жената прикажана низ сите нејзини животни улоги
Објавено на: 07.03.2014
„Таа има дар природен живот да носи и дарува,
таа има дар нежност и љубов да дава,
таа има дар божествен срцето свое да го раздава.
Таа има сила и моќ после паѓање да се исправи
низ секоја болка да помине.
Таа има голема дарба секому утеха да дава
има вера непоколеблива секоја битка да ја извојува.
Таа има дарба да лечи и излекува,
таа дар има ЖЕНА да биде“.
Со овие стихови на 05.03.2014 (среда) започна музичко-сценската изведба посветена на Празникот на жената во кино-салата во СОУ Гимназија„Добри Даскалов“. Учениците од драмската секција со својот ментор, професорката по македонски јазик и литература Васка Петкова, приредија вистинско изненадување за публиката. Многу емоции, женски животни приказни со силни пораки на кои присутните уште долго време ќе се сеќаваат.
Проектот започна со видео презентација „Жените кои го променија светот“. Пред очите на присутните беа презентирани податоци за 25 жени – извонредни индивидуи што постигнале резултати на полето на уметноста, музиката, науката, политиката, социјалниот живот, забавата и спортот .За да го постигнат она што го постигнале прво морале да се борат со ограничувањата наметнати од општеството и традиционалната претпоставка за улогата на жената. Многу од нив живееле во време во кое јавноста ги омаловажувала нивните идеи и нивната женственост.
Идејата на проектот беше да се прикаже големината на жената во сите сфери на своето дејствување, како мајка, сопруга, пријател, сестра, работник, ќерка….Нараторот ги поздрави присутните носејќи ја главната порака:„ Ништо не е побрзо од животот. Да се поклониме на нашите корени, на жените од нашите семејства кои не донесоа на свет, да ја почувствуваме нивната сила која свети во нас и да им ја предадеме на нашите деца. Да се свртиме околу себе. Без разлика која е, каква е, дали е интелектуалец или скромна старица која чека ред во банката срамежливо криејќи ги ракавите на своето износено палто зад нечиј грб. Да ја поздравиме нејзината големина затоа што е столб на семејството, затоа што е мост по кој сите таги и радости минуваат. Да ја поздравиме затоа што е папокот на светот, од неа започнува новиот живот. Да се поклониме пред чинот на раѓањето. Да ја поздравиме затоа што секогаш е подготвена за убав збор и утеха….Затоа што се грижела за некого кога бил болен, бдеела со ноќи и никогаш не се пожалила. Затоа што била до некого кога се правеле првите чекори, кога никнувало првото запче, кога се прележувала првата болест.“
Учениците од втора,трета и четврта година раскажаа седум животни приказни на жени кои храбро и со крената глава чекорат низ животот соочувајќи се со сите негови предизвици. Болеста на своето дете, физичкото малтретирање од својот сопруг, хендикепот, половата дискриминација…..Присутните слушнаа мисли и афоризми за мајката и жената воопшто. Учениците Илина Атанасовска, Владанка Недева и Драган Кабранов изведоа две музички нумери кои наидоа на бурен аплауз кај публиката.
Вработените во Гимназија „Добри Даскалов“имаа можност да уживаат во една убава мартовска вечер проследувајќи ја изведбата на проектот кој никого не остави рамнодушен. Секој замина со одредена порака во себе. Нараторот за крај ја кажа својата порака:„Да се извиниме затоа што некогаш не сакајќи сме ја навредиле, сме избрзале, не сме простиле. Да ја поздравиме затоа што таа е мајка, сопруга, работник, лекар, инженер, домаќинка, архитект, професор. Да се поклониме длабоко пред нејзината големина,а го носи можеби наједноставното име-ЖЕНА“.
Празнувањето беше збогатено со отворањето на изложба од ученикот од втора година, Методија Јованов. Изложбата ја отвори професорот Ванчо Кеков кој не криејќи го воодушевувањето од креативноста и дарбата на својот ученик истакна дека станува збор за млад уметник пред кого стои голема кариера. Присутните со аплауз го поздравија младиот уметник и со задоволство ги погледнаа неговите портрети. Голем талент, скромност и работливост.Сите ученици покажаа дека Гимназија„Добри Даскалов“ е расадник на таленти од многу области.