„Жените што го променија светот“-проект со кој градската библиотека„Феткин“ го прослави патрониот празник
Објавено на: 18.03.2014
Со истакнувањето на значењето кое градската библиотека „Феткин“ го има за младите читатели започна прославата на патрониот празник по повод 70 години од смртта на големиот херој Стефан Хаџи Тефов-Феткин.
Во воведното обраќање ученичката Симона Минова истакна:„Библиотеката е домот во кој нашите родители држејќи не за рака,кога се уште не знаевме да читаме не внесоа за да ни отворат еден чудесен свет, свет на знаење, мистичност, исчекување и возбуда.Иако денес живееме во ерата на компјутеризацијата има еден мирис од кој никогаш нема да се откажеме-мирисот на книгата. Денес растеме, се образуваме, се градиме како личности со нејзина помош, нашата најверна пријателка-книгата.Тука е да не насмее,тука е да ни помогне,тука е да ни го осветли патот по кој чекориме..“
Директорката на библиотеката,г-ѓа Трајанка Атанасова пред присутните говореше за животот и делото на патронот Феткин истакнувајќи го како еден од најактивните членови на читалиштето кое било жариште на револуционерната дејност и извор на револуционерната литература.На тројца читатели со најголем број прочитани книги за 2013 година им беа доделени награди.
Учениците од драмската секција на Гимназија „Добри Даскалов“ со проектот „Жените што го променија светот“ гостуваа на прославата на патрониот празник на градската библиотека „Феткин“ на 18.03.2014 год во Домот на културата„Иван Мазов-Климе“.
Љубовта кон пишаниот збор надополнета со талентот на учениците и прекрасните звуци на инструменталната музика ги воодушеви присутните кои го наградија трудот на овие млади гимназијалци со огромен аплауз и честитки за успешниот проект.Присутните не ги криеја емоциите предизвикани од изведбата која испрати силна порака дека жената треба да биде почитувана затоа што е мост по кој во животот се поминува.
Достојно беше одбележан празникот со пораката дека најголема почит кон делото на Феткин се оддава кога неговите идеи живеат.Читателите кои секојдневно влегуваат во библиотеката „Феткин“ го живеат неговиот сон и го продолжуваат неговото дело.
Галеријата на фотографии можете да ја погледнете на веб сајтот на библиотека Феткин на овој линк.