Радоста од победата е иста на сите јазици
Објавено на: 07.06.2014
Смеа, џагор, навивање, насмевки и прегратки, ветување дека оваа средба не е крај туку само почеток на….Ова е дел од атмосферата во летувалиштето „Михајлово“ каде на 29 и 30 мај се реализира проектот за меѓуетничка интеграција „Градиме мостови“.
Проектот беше финансиран од мисијата на ОБСЕ во Македонија, а за негово остварување беше задолжено училиштето и општината.
Во проектот учествуваа ученици и професори по спорт од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци и СГУ „Здравко Цветковски“ од Скопје. Целта на проектот беше преку презентирање на спортски активности во кои ќе се вклучат ученици од двете училишта да се изградат мостови на пријателство, другарство и соработка.
Истиот автобус со кој патуваа и делењето на исти соби им помогна да се запознаат подобро и да се организираат за натпреварите коишто ги очекуваа. Кога стигнаа во летувалиштето поделбата помеѓу училишта и етничка припадност веќе не постоеше. Постоеја само две екипи-црвена и жолта. Во секоја екипа имаше припадници од двете училишта. Проектот им покажа на овие млади луѓе дека поделбата може да биде извршена на различни начини, но целта е секогаш иста. Желбата за победа и подобро претставување беше видлива кај двете екипи. Новото пријателство беше поздравено од директорите на двете училишта, Невенка Поп-Ангелова и Драгица Костадиновска. Под иницијатива на директорката на гимназијата,учениците научија неколку зборови од албанскиот јазик со кои ги поздравија нивните врсници од скопското училиште. Посебно изненадување беа зборовите „те сакам“ изговорени на нивниот мајчин јазик. Се создаде атмосфера во која сите бариери се надминаа.
Учениците се натпреваруваа во повеќе дисциплини:машки и женски фудбал, пинг-понг, тегнење јаже…
Поради неповолните временски услови активноста палење на логорски оган не можеше да се реализира.Но тоа не беше пречка летувалиштето да се исполни со песна, смеење и другарување. Утрешниот ден учениците заедно со менторите и директорите го искористија за пешачење по планинските патеки и заеднички ручек.
На крајот не беше веќе важно дали некој победил во игрите или доживеал пораз. Насмевката на нивните лица говореше дека сите се чувствуваат како победници затоа што најдоа пријатели кои секогаш со нетрпение ќе ја очекуваат нивната повторна средба.Се разделија со отворени покани за соработка меѓу училиштата.
Вистинското пријателство не знае за поделби, за различни јазици, за неразбирливи зборови. На вистинскиот пријател не му се потребни зборови за да знае што чувствува другиот, не му се потребни реченици за да ги подари своите чувства. Сите комуницираа на јазикот на човечноста. Радоста од победата и тагата од поразот е иста на сите јазици. Жолти или црвени , веќе не беше важно од кое училиште и од кој град доаѓаат, важна беше истата борбеност,подадената рака за помош на другиот ученик, важна беше желбата да се покажат во најдобро светло, важна беше човечноста.
Проект за поздравување во кој младите ученици испратија јасна порака дека во оваа мултиетничка држава се образуваат луѓе за кои човекот е на прво место,човекот-Македонец,Албанец…..човекот.И најважни за почитување се универзалните човечки вредности меѓу кои другарството стои високо на врвот.
Се изградија мостови, се разменија адреси, телефони, фотографии кои ќе сведочат за едно прекрасно пријателство .Таму каде што има мост преминот е многу полесен.