Светскиот ден на учителите одбележан во СОУ Гимназија„Добри Даскалов“


Објавено на: 09.10.2014

Да бидеш учител значи да ја работиш најблагородната работа на цел свет. Учителите се огледало на општеството. Секој возрасен се сеќава на неколку учители кои оставиле длабока трага во неговиот живот и кога зборува за нив му затреперува срцето.Учителот е личноста која описменува, дава збор во рацете како најмоќно оружје со кое се обезбедува иднината. Да бидеш учител значи да бидеш полн со знаење, разбирање, отвореност, креативност, љубов… Да бидеш учител значи  да работиш со најдрагите, со најискрените, со учениците .Да бидеш учител значи да го измениш животот на своите ученици, да оставиш трага која ни времето не може да ја избрише, да почитуваш, да бидеш почитуван.Да откриваш таленти , да помагаш ,да бидеш втор родител.

Во нивна чест, во името на сите учители секоја година се празнува 5 октомври-Светски ден на учителите. Цел на овој ден е да се мобилизира поддршка на учителите и да се осигура дека потребите на идните генерации ќе продолжат да бидат исполнувани. Светскиот ден на учителите претставува значаен симбол на свеста, разбирањето и вреднувањето на виталниот придонес што учителите го даваат за едукацијата и развојот.

10721391 545770125568588 1011758646 n

СОУ Гимназија„Добри Даскалов“ даде свое обележје на чествувањето на овој ден преку трибина на која говореше професорот по историја Мики Камчевски.Трибината се одржа во кино-салата на училиштето на 06.10.2014 година(понеделник) пред директорите од основните и средните училишта во Кавадарци, професори и ученици. Главната цел на ова обраќање беше да се проговори за тешкиот пат по кој чекореше образованието во Тиквешијата низ вековите наназад.

10726634 545769105568690 822989887 n

Професорот Камчевски истакна:„Образованието во Тиквешијата има длабоки корени и богата традиција.Најпрво било воведено во ќелијни училишта во средината на 17 век.Тиквеш станал тврдина на словенската писменост во Охридскиот диесиз. Учениците во овие училишта биле учени да читаат и пишуваат на македонски народен црковнословенски јазик. Прв учител на овие простори бил Даскал Камче од Ваташа, кој бил и иницијатор за отворање на првото училиште.Во групата ваташки учители влегува и Захарија Грков Даскалов-татко на нашиот патрон , војвода и револуционер Добри Даскалов. Од плејадата познати учители кои работеле во Кавадарци неизбежно е да се споменат Јордан  Хаџи Константинов-Џинот, Сава Михајлов, Ѓорѓи Поп Христов и др.Овие учители биле многу почитувани од месното население затоа што покрај фактот што добро си ја вршеле својата образовна функција, тие успешно им се спротивставувале на грчките  и бугарските свештеници кои директно влијаеле со својата асимилаторска политика.

За време на Илинденскиот период не само што го организирале и раководеле образованието, туку биле и носители и организатори на револуционерното движење, подготвувајќи го населението од овој крај за вооружена борба.

10728538 545759462236321 2016229017 n

Гимназијата во Кавадарци од своето постоење прво  па се до конечното ослободување на Македонија од соседните окупатори, без оглед  дали била бугарската егзархиска или српска имала за цел да го докаже своето историско право и да ја сочува својата самобитност .

Меѓутоа и покрај сите репресии врз нашиот народ, кои најмногу биле изразени преку училиштата, со ослободувањето на Кавадарци, на 8 септември 1944 година, се создадоа услови за реизградба на градот, а една од клучните точки беше образованието.Настапи нова ера во образованието во Кавадарци предводена од новата генерација учители во повоеното општество„.

Присутните во салата со посебно внимание  го слушаа текстот потсетувајќи се дека денешната професија на учителите поминала низ еден макотрпен и тежок пат.На крајот  на присутните им се обрати професорот во пензија Глигор Сиваков, кој уште еднаш ги потсети своите помлади колеги дека  за да бидеш успешен учител мора да негуваш огромна љубов кон своите ученици. Оваа професија се работи само со многу љубов и дарба.