Творам за Македонија


Објавено на: 27.01.2015

Проектот Творам за Македонија минатата 2014 година по третпат распиша награден литературен конкурс (проза или поезија) на тема „Мојот јазик – тоа сум јас“.

На 01.12.2014 година, во просториите на Фондацијата „Никола Кљусев“ беше одржано доделувањето на петте прворангирани награди за средните и за основните училишта. Сите пристигнатите творби што беа учесници на конкурсот се објавени во посебна збирка којашто е излезена од печат во ноември 2014 година. На страниците на оваа збирка се најдоа и личните творби на ученичките од нашето училиште Драгана Крстева од II5 и Зорица Балова од IV3 клас.

Овој проект го спроведува Фондацијата Никола Кљусев со поддршка од Министерството за култура на Македонија.

 

Мојот јазик- тоа сум јас

            Имаше нешто исконско во секој вокал и секој консонант од нашево мајчино писмо. Во секој глас како да се слушаше она нашето, седум осминското. Врз секоја буква како да капеше восокот на Кириловата свеќа од затворската ќелија. За секоја нишка светлина додека читам и пишувам се чувствувам благодарно ко Рацин за неговата Месечина.

            Мојот јазик секогаш кај мене буди стравопочит и раѓа нежен поклон кон тајната која е смисла на животот. Кон тајната која со секоја буква се открива и повторно се препокрива и станува уште потаинствена. А знаеме за што зборувам нели?

За тајната што уште од деветти се пренесува од солза на крв, од крв на солза и така со генерации и генерации.

За тајната која ни даде штит во раце во моменти кога од сите страни нé пречекуваа со пушки и ножеви.

За тајната која со храброст ја крепеше нашата слабост.

Која им даваше сила на Тутуноберачите секое утро носејќи ги на нива.

Која имаше сила да ги издржи сите наши колнења на судбината, зашто нé раѓа ко луѓе, а нé погребува- робови!

Истата тајна која плачеше заедно со Месечината на гробот на Ленка, а ги бришеше солзите од првата љубов кон Бисера.

            Народе мој, татковино моја, тајно моја од прадедовци…

„Сино парче небо во два прозора, и мојата душа рефлектирана во него… Конгломерат од болка, патила, восклици, соништа, занеси, визии и болка… болка… и рана… “

Мили мои души страдални… Напатени. Тајната слушнете ја преку смислата на моите зборови, или барем нивната трага со мастило, па слушнете го и грмежот на тапаните и писокот на зурлите како извира некаде од длабочината на вашето срце. Како ве поведува со востаничка гордост, почувствувајте! Како и вие дознавате, се сеќавате дека секогаш сте знаеле, па се фаќате до вашите дедовци, татковци и прадедовци и заедно го виете Тешкото. Одеднаш сé е толку просто и едноставно, нели? Сега сé ви е јасно…

 

                                    Не ќе постои народ побогат од МОЈОТ,

                                    Не со златници ил имоти, туку со речитост, зборови и ЈАЗИК

                                    Капка крв од моето тело и душа, мене мастило ми е ТОА

                                    Гордост што Македонка СУМ

                                    Засекогаш в срце ќе носам ЈАС

 

ПС: Тајната се крие во клаузулите!

       И во мене и во тебе и во сите нас.

                                                                                                                                                      Крстевска Драгана II5

 

Мојот јазик-тоа сум јас

Колку само Македонци се обиделе,

Колку само од нив загинале,

Со многу пот и труд вековно течен

Да го создадат нашиот македонски јазик вечен.

 

Со безброј солзи, крв и мака

Денес со гордост го зборуваме и пишуваме со пенкало в рака.

Мојот јазик е мојата душа, затоа што е од мене дел

Најскапоцено богатство што ќе го имам во текот на животот цел.

 

Со јазикот мој ќе ја поминам младоста,

А со него ќе ја започнам и староста.

Секоја нова капка дожд што ќе капне

Ќе биде доказ дека македонскиот јазик никогаш нема да згасне.

 

Со раѓањето на секоја нова зора,со првиот зрак

Се до надоаѓањето на самиот мрак,

Јазикот мој македонски ќе го љубам до самиот крај

Бидејќи тој е мојата гордост, моето срце, мојот рај.

 

 

                                                                                                                        Балова Зорица IV-3