Државен натпревар по информатика
Објавено на: 29.03.2015
На 28 март 2015 година во организација на Здружението на информатичарите на Македонија во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје се одржа XXVI Државен натпревар по информатика за учениците од средните и основните училишта во Македонија.
Настанот го отвори претседателот на ЗИМ проф. д-р Миле Јованов. На натпреварот учествуваа најдобрите 95 ученици од основното и средното образование, избрани од учесниците на одржаниот регионален натпревар.
Свеченото отворање на настанот се одржа во амфитеатарот на Технолошко – металуршкиот факултет.
Нашето училиште учествуваше на регионалниот натпревар со вкупно 10 натпреварувачи, а според освоените поени од регионалниот натпревар двајца ученици Душко Клинчаров IV-2 клас и Горан Митров IV-2 клас, под менторство на проф. по информатика Зоран Милевски, беа поканети да учествуваат на Државниот натпревар.
Во последните неколку години конкуренцијата на овие натпревари по информатика е се поголема. И покрај големата конкуренција ученикот Душко Клинчаров IV-2 клас освои стипендија за бесплатно студирање на ФИНКИ.
Во рамките на натпреварот се организира и работилница на тема „Активности на ЗИМ поврзани со наставни програми по информатика. Доусовршување на наставниците“, презентација на можностите за студирање на надарените ученици на ФИНКИ и предавање на тема „Роботика на ФИНКИ“ од проф. д-р Невена Ацковска.