Отворен ден за идните средношколци
Објавено на: 14.06.2015
Учениците од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ заедно со своите ментори, професорите од природните науки и економско-правниот актив, на ден 27.05.2015 година им овозможија на учениците кои го завршуваат своето основно образование да присуствуваат на проектот „Отворен ден“ кој се одржа во просториите на Гимназијата.
Целта на овој проект беше да се отворат вратите на училиштето и поблиску да се претстават пред идните средношколци дел од програмите кои се изучуваат. Учениците во своите подготовки покажаа креативност, работливост, исполнителност, трајни знаења и во координација со своите ментори достојно го претставија училиштето во кое се образуваат.
Учениците кои го посетија училиштето се запознаа со дел од професорите кои со насмевка ги пречекаа своите идни ученици, ги видоа големиот број награди кои сведочат дека ова е училиште со долга и успешна традиција , со опремени кабинети за настава и со ученици кои се стекнуваат со трајни знаења и вештини.
Во организација на проф. Елизабета Иговска и проф. Богде Коцева заедно со учениците: Манева Јасна II-3 , Митревски Васил II-4, Крстева Драгана II-5, Сава Галабова II-5 , Ѓурѓица Панова II-2 и Благој Димов II-2, во кабинетот по биологија беше подготвена презентација за активностите и начинот на изучување од овој предмет.
Беа поставени светлосни микроскопи со свежи и трајни препарати од ботаника, зоологија и хистологија. Учениците можеа убаво да ги видат градбата на корен, стебло, прашник, лист, градбата на устен апарат кај пчела, градба на крилца од пеперутка итн. Од хистолошките препарати можеа да се погледнат напречни пресеци на некои органи: црн дроб, бубрези, тироидна жлезда и друго.
На свежо дисекцирано срце од свиња, можеше да се види анатомската градба на овој орган и тоа посебно го сврте вниманието на учениците.
Во кабинетот беа поставени модели на риба и други животни,модели на разни внатрешни органи на човек, скелет (костур), лакотна коска, слики, атласи, енциклопедии, изготвени модели од учениците на клетка , ДНК и други органи, проектни активности, матурски задачи, презентација на компјутер за ДНК, дигестивен систем, терморегулација итн. се со цел да им се овозможи на учениците подобро да ги осознаат и видат можностите за поедноставно изучување на овој предмет.
Учениците со интерес и внимание го следеа секое објаснување и презентирање од страна на задолжените ученици и професорите – домаќини.
Активот по физика направи презентации за некои појави од физиката и кратко предавање за физиката како наука и нејзината примена во секојдневниот живот. Беа ангажирани проф. Живко Атанасов и проф.Кристина Крстева и ученици од втора година кои демонстрираа експерименти.
Ученичката Димова Цветанка демонстрираше звучни бранови со помош на звучни виљушки и добивање на ликови кај конкавно сферно огледало. Ученичката Трајкова Ангела демонстрираше трифазни струи ,а ученичката Најдова Тамара демонстрираше за Третиот њутнов закон.На учениците им беше демонстрирано поларизација на светлината и електричната струја низ гасови.
Професорите по географија, Валентина Димитрова и Фердинант Чејков заедно со своите ученици Милкова Росана, Пончева Владанка, Трајкова Виолета и Ридова Ангела го презентираа планот и програмата што се изучува во сите години на гимназиското образование, нагледните средства-географски карти:физички,топографски,стопански,астрономски, глобуси, атлас, модел на сонце, земја и месечина,енциклопедии и др.
Интересот на учениците посебно беше изразен при презентирање на методите на реализирање на часови по географија: коцка, игри -без паника, асоцијации, крстозбор , брза географија.Овие методи се секогаш интересни за учениците и овозможуваат тие часови да се паметат уште долго по завршувањето на средношколското образование. На младите ученици им беше овозможено преку видео презентација да видат како изгледа реализиран час по географија.
Под менторство на професорите по хемија Даница Пецова и Магдалена Убавкова учениците ги претставија програмите по кои се работи на часовите по хемија,нагледните средства и помагала со кои се овозможува полесно доаѓање до трајни знаења. Учениците: Блаже Мукаетов, Владо Димовски, Македонка Пецова, Елена Ридова, Ивана Гогова , Марија Коцева, Билјана Саздова, Андон Митров,Бобан Милевски, Александар Иванов и Менче Крчева беа домаќини во кабинентот по хемија кој нуди можности за успешен спој на теоријата и практично изведување на експерименти.
Тоа што посебно ги воодушеви присутните ученици беше експериментот во кој се користеше природна зелка како индикатор, која ги промени боите на цртежот со македонското знаме.Катализатори беа:слоновска паста за заби,хемиски дух од ламба и слатки молекули.
На отворениот ден на Гимназијата, за промоција на економско-правна и трговската струка, свое учество зедоа и учениците од III-6 клас, профил: економски техничар и III-7 клас, профил: правен техничар, со нивните професори по економски и правни предмети.
За таа цел, во училницата во која се изведува практична настава за учениците, на учениците од основните училишта и идни кандидати за упис во Гимназијата, им беа ставени на увид сите документи, правилници, елаборати, портфолија, договори и други нагледни средства што учениците ги изготвуваат на часовите по стручните предмети. Исто така, во училницата беа изложени и наградите што учениците од струката ги имаат освоено на манифестацијата „Образовно рандеву” низ годините.
Учениците имаа изработено и Power Point презентација за економско-правната и трговската струка преку која на учениците од основните училишта им ги објаснија целите и задачите на стручното образование и конкретно на економско-правна и трговската струка, предностите за вработување што таа ги нуди, занимањата на учениците кои ќе ја завршат оваа струка (сметководител, банкарски службеник, адвокат, судија, нотар и сл.), наставните предмети што се изучуваат во двата профила: економски техничар и правен техничар, фотографии од посети на институции и трговски друштва итн.
Учениците-домаќини им објаснија на посетителите дека при реализација на практичната настава во двата профила, задолжително е предвидено посета на институции, органи на Локална самоуправа и трговски друштва во околината и пошироко, со цел поврзување на теоретските знаења добиени во училиштето со реалното, практичното работење.
Оваа активност уште еднаш ја потврдува успешната и тимска работа на професорите и учениците во нашето училиште. Идните средношколци не го криеја задоволството од посетата на училиштето и желбата и тие да бидат наскоро дел од него надоградувајќи ги своите знаења со теорија, пракса и вештини корисни за полесно приспособување во современото живеење.