Учество на гимназијалци на фестивалот „Бидете креативни, бидете интерактивни, бидете интеретнички“


Објавено на: 25.09.2015

Реализираните резултати од повеќе креативни работилници од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието беа претставени на Фестивалот на изведувачки уметности и добри практики „Be creative, be interactive, be interethnic”, кој се одржа на 19 септември 2015 година (сабота) во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток од 10.30 часот.
Програмата започна со настап во живо на бенд од Богданци, а беа прикажани и четири театарски претстави меѓу кои и претставата „Шекспир пред врата“ од страна на учениците од нашето училиште под менторство на Кочо Кочов – проф. по македонски јазик и литература  и Jасминка Ризова – педагог.

 2015-09-19 12.09.34

 

Како дополнителни активности имаше изложба на фотографии, жонглери, пишување графити, како и прикажување на кратки филмови изработени од средношколци. 

Средношколци од повеќе училишта низ земјава, изминатите четири години беа дел од креативни процеси кои имаа за цел да го зајакнат учеството на младите во меѓуетничкиот дијалог во училишната средина и да ги зголемат граѓанската свест и почитувањето на човековите права. За својот креативен израз, учениците ги користеле уметноста, социјалните медиуми и новите технологии – театар, танц, филм, визуелни уметности, интернет, социјални мрежи, блогови и друго.

2015-09-19 12.29.24

2015-09-19 11.14.31

Овој фестивал има за цел да биде практичен и добар пример на оние кои сакаат на креативен начин да работат со младата генерација. Рамката на работа која се употребуваше во креативните процеси во овој проект, може да функционира како насока за слични иницијативи и во иднина. Фестивалот е наменет на оние кои веруваат во креативноста и во користењето на уметноста како потенцијал кој може да го придвижува општеството во позитивни насоки.
Фестивалот се организира во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој го имплементира Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), заедно со партнерската организација Центар за изведувачки уметности „Мултимедиа” од Скопје.

2015-09-19 14.22.49