Потпишан Меморандум за соработка со ДТУ „ТД-ТД” ДООЕЛ, Кавадарци


Објавено на: 11.03.2019

На 5 Март 2019 година во просториите на ДТУ „ТД-ТД” ДООЕЛ, Кавадарци беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу СОУ Гимназија „Добри Даскалов”, Кавадарци и ДТУ „ТД-ТД” ДООЕЛ, Кавадарци.

Целта на потпишувањето на Меморандумот е унапредување на наставниот процес за учениците од економско-правна и трговска струка, профил: економски техничар, при Гимназијата, преку нивно вклучување со практична работа во реално трговско друштво, конкретно ДТУ „ТД-ТД” ДООЕЛ, Кавадарци.

На работниот состанок за потпишување на Меморандумот, претставници од ДТУ „ТД-ТД” , Кавадарци беа Трајче Иванов, сопственик и менаџер на друштвото и Фиданка , дипломиран правник, а претставници од СОУ Гимназија „Добри Даскалов”, Кавадарци беа Невенка Поп-Ангелова, директор и професорите по економски предмети: Лоска Давчева, Костадинчо Петров и Жанета Делова.

Со сопственикот и менаџер на ДТУ „ТД-ТД” ДООЕЛ, Кавадарци, Трајче Иванов, беа договорени активности во областа на изведување на практична настава за учениците од економско-правна и трговска струка, профил: економски техничар, со што учениците практично би се запознале со дејноста на ова трговско друштво, а истовремено и би учеле. Ова трговско друштво има широк опфат на активности во својата дејност, почнувајќи од набавно и продажно работење, магацинско работење, водење сметководсвена евиденција за своето работење, работа со сметководствени документи… Сите овие области на работење, учениците ги изучуваат во стручните наставни предмети и стекнуваат теоретско знаење.

53747549 411097816384665 1314594037952413696 n

53668348 260302258243024 4001373484948127744 n

Преку изведување на практична настава во ДТУ „ТД-ТД” ДООЕЛ, Кавадарци, учениците би направиле спојување на теоретското знаење со практичното, односно реалното работење. На тој начин, би се оформиле во вистински професионалци, економски техничари, спремни за конкурирање на пазарот на трудот. Се надеваме дека оваа соработка ќе се продлабочи и ќе опстојува долго време.

Економското образование во една држава има многу големо значење, бидејќи на учениците им овозможува стекнување теоретски знаења од многу научни области и практични вештини, што им се неопходни за вклучување во општествениот и економскиот живот на една земја. Економското образование ги учи учениците на примена на многу принципи на работење, како што се: ажурност, одговорност, интегритет на личноста, економичност, принципиелност, објективност, уредност, и кај нив развива: тимски дух, способност да се биде член на група и да се делува заеднички за остварување на целите.  

СОУ Гимназија „Добри Даскалов”, Кавадарци се гордее со учениците кои своето средно образование го имаа и имаат токму во стручното образование, во профилот: економски техничар. Истите тие ученици, стекнатите знаења веќе ги аплицирааат во бизнис секторот, сметководствените бироа, финансиско-бакарскиот сектор, различни институции и организации. Учениците, кои сега се образуваат, постепено навлегуваат во тајните на економијата, прераснувајќи во вистински професионалци, со знаење и умеење.

Економската струка во Кавадарци, во рамките на Гимназијата, постои од 1956 година до 1976 година. По 25 години, профилот: економски техничар, повторно се воведува од учебната 2001/2002 година и досега образуваше и сега образува многу ученици-економисти на кои нашето училиште е гордо!

Во склоп на економско-правна и трговска струка, при СОУ Гимназија „Добри Даскалов”, Кавадарци ,освен профилот: економски техничар, постои и профилот: правен техничар.

 

Прилогот го подготви,

Лоска Давчева, професор по економски предмети