Отворена патувачката изложба “100 години од Македонскиот фронт”
Објавено на: 20.03.2019
На ден 14.03.2019 година (четврток) со почеток во 12 часот во просториите на Музеј Галеријата на град Кавадарци, а во соработка со СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ беше отворена изложбата “100 години од Македонскиот фронт”.
Патувачката изложба „100 години од македонскиот фронт “ помина низ повеќе градови ширум нашата држава и остави силен впечаток меѓу присутните опишувајќи го периодот на Првата светска војна. Патувачката изложба е поставена на 10 паноа, на кои се прикажани бројни сведоштва од Македонскиот фронт (текстуални и визуелни), а акцентот е ставен врз секојдневниот живот на луѓето, особено на цивилното население кое било зафатено од виорот на војната. Целта на овој проект е да се потсетиме на воените дејствија кои се случувале на македонскиот фронт пред около 100 години, како живеел обичниот човек во тој временски период на местото каде поминувала фронтовата линија.
Ученици од нашето училиште во улога на презентери со голема мотивираност и ентузијазам се потрудија да ја задоволат љубопитноста на посетителите во врска со темата. Изложбата во нашиот град е реализирана во организација на професорката по историја Наташа Матакова, која воедно и ја отвори изложбата.
Патувачката изложба „100 години од македонскиот фронт “ е изработена од Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија-АНИМ со финансиска помош и подршка од Министерството за култура, а во нашиот град е реализирана преку соработка на АНИМ, нашето училиште и Музеј Галеријата на град Кавадарци.