Претседателот Стево Пендаровски во посета на Гимназија „Добри Даскалов“


Објавено на: 08.06.2023

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети општина Кавадарци во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“.

Во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци, претседателот Пендаровски проследи настап на училишниот оркестар што го освои првото место на натпревар на хорови, оркестри и бендови од средните училишта, неодамна одржан во Валандово. Претседателот упати честитки до членовите на оркестарот за ова високо признание, изразувајќи увереност дека нивната висока мотивираност и силен музички потенцијал несомнено ќе ги однесе кон значителни успеси во иднина.

За време на посетата на кавадаречката гимназија претседателот се сретна со Мајкл Георгиевски, ученик со бројни награди и признанија во областа на природно математичките науки, со Блаже Игнатовски, ученик правобранител, кој заедно со неговите заменици Данка Стојкова и Филип Попов се грижи за заштита и остварување на ученичките права во рамки на образовниот процес. На средбата беше нагласена важноста на нивната функција во навременото нотирање евентуални неправилности во интерните односи меѓу соучениците, како одредени облици на дискриминација, говор на омраза или врсничко насилство.

Извор: pretsedatel.mk