Мултимедијален проект„Жените кои го променија светот“


Објавено на: 13.03.2024

На покана на Музеј-галеријата, по повод празникот на жената 8 Март, мултимедијалниот проект составен од драматизација, музика и сликарство беше изведен пред многубројната публика. Околу 25 гимназијалци, под менторство на професорките Васка Петкова и Наташа Матакова, преку претставување на биографии на истакнати жени од различни историски периоди, испратија моќна порака: „Ние ги почнавме промените во светот, сега е вашиот ред, ова е ваше време. Чекорете храбро, силно и одлучно. Освојувајте простори, преземајте ризици, не откажувајте се, небото нека ви биде граница. Сите ние минуваме низ времето, остануваат само нашите дела, мисли и вредности да светат над сите нас“.

На сцената се појавија најзначајните женски ликови од историјата: Клеопатра, Јованка Орлеанка, Сузан Ентони, Флоренс Најтингејл, Клара Цеткин, Роза Луксембург, Марија Кири, Хелен Келер, Вирџинија Вулф, Коко Шанел, Елеонор Рузвелт, Мајка Тереза, Индира Ганди, Маргарет Тачер и принцезата Дијана. Овие жени се извонредни индивидуи што постигнале резултати на полето на уметноста, музиката, науката, политиката и социјалниот живот. Но, за да го постигнат тоа, прво морале да се борат со ограничувањата наметнати од општеството и од традиционалната претстава за улогата на жената во своето време.