Гимназијалците во главните улоги во театарската претстава„Убавицата и ѕверот“,проект на Домот на културата


Објавено на: 18.04.2024

„Убавицата и ѕверот“е француска бајка  создадена во далечната 1740-та година, а до денес е објавена во голем број варијации. Овие денови имаме можност да ја гледаме како претстава во Домот на културата во адаптација и режија на Микица Илова. Вонвременска бајка за арогантниот принц кој скапо ќе ја плати својата суета преку клетвата да биде претворен во ѕвер  и да го врати својот човечки облик само под силата на вистинската љубов.Постои ли девојка која би се заљубила во ѕвер додека истекува животното време и не падне и последниот лист од розата?Може ли човекот да ги помести своите граници,може ли да го смени своето однесување,може ли во ѕверската надворешност да се најде убавина и да се сака вистински?

Ѕверот мора да ја научи својата лекција,да го најде човечкиот однос кон луѓето,а девојката под влијание на своето образование,воспитание и невиност да погледне во неговата душа и да ја засака неговата внтарешност.

Ова е претстава за сите генерации,пораката која ја испраќа е безвременска.Се враќаме во детството и одново ја повторуваме големата лекција дека само со срцето најдобро се гледа,најважното е невидливо за очите.Со оригинална костимографија,сценографија и одлична театарска игра,видовме претстава која е празник за очи и душа.Спојот на искуството на актерите од кавадаречкиот театар и младите гимназијалци Теона Јорданова,Александар Стојков,Ристе Стојанов,Елена Илова,Јована Секуловска,Арелена Гостимировиќ,Ивана Секуловска и Атанас Димков кои  блеснаа на сцената со совршена театарска игра ни овозможија несекојдневно искуство.Режисерската палка на Микица Илова ги доведе сцените до перфекција.Монологот на ѕверот,танцот со убавицата,розата претставена преку девојка…Се будат емоциите и за момент  преку силата на уметноста повторно го гледаме светот низ очите на Бел,низ хуморот на ликовите од замокот,низ вербата дека сепак победува доброто во луѓето.Силата на љубовта е најголемата моќ пред која исчезнува злото.

Кавадаречката сцена заслужи ваква професионалност,посветеност,дело кое ја доживеа својата премиера,ќе има многу репризи и вечно ќе остане  запаметено како проект кој ги помести границите на театарот.