Национален натпревар „Европски квиз на пари” за 2024 година и освоено 3 (трето) место


Објавено на: 31.05.2024

На 28 мај 2024 година во просториите на МБА се одржа свечено доделување на наградите за наградените ученици на Националниот натпревар „Европски квиз на пари”. Овој натпревар се реализираше за време на Европската недела на пари, во месец март, под мотото „Заштитете ги вашите пари – обезбедете ја вашата иднина!”.

Нашето училиште, со тимот составен од: Лара Росоманска и Елена Ризова, ученички во I-4 клас, под менторство на Лоска Давчева, професор по економски предмети, освои 3 (трето) место на овој Национален натпревар. Горди сме како училиште  на освоеното 3 место и на постигнатиот успех. Наградите на ученичките им беа врачени од Гувернерката на Народна банка на Република Северна Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова-Штериева и претседателката на Комисијата за хартии од вредност, м-р Нора Алити.

Како координатори на натпреварот „Европски квиз на пари”  при Гимназијата се Лоска Давчева, професор по економски предмети и Благородна Лазова, професор по информатика.

Финансиската писменост е неопходна за секој поединец, за истиот да си го олесни животот и побрзо да напредува на лично и професионално поле. Во таа насока, шеста година по ред, Македонската Банкарска Асоцијација во соработка со Народна банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност, го организираше Националниот натпревар „Европски квиз на пари”, што е проект на Европска банкарска федерација, а на кој право на учество имаат ученици на возраст од 13 години до 15 години, од 30 европски земји. Младите се иднината на една земја, парите се неизоставен дел од животот, па затоа неопходно е да се инвестира во финансиска писменост на младите!

Паметното планирање и користење на финансиските ресурси, е особено значајно во денешно време. Заштитувајќи ги парите преку рационални вложувања, орочувања на истите или преку инвестирање во хартии од вредност, практично, се зголемува нивната вредност, се добиваат повеќе пари. А, тоа значи посигурна иднина. Затоа, економската и финансиската писменост, секој поединец ќе го научи како да ги заштити неговите пари, а со тоа да си го олесни животот, сега и во иднина. Значи, преку планирање на парите (сопствениот буџет), младиот човек си ја обезбедува иднината. Сите рационални одлуки денес, се рационални решенија за утре.

Врската помеѓу образованието и финансиите е нераскинлива и правопропорционална, а тоа значи дека оној кој сега вложува повеќе во своето знаење и образование, се очекува во иднина да биде и побогат!

Текстот го напиша,

Лоска Давчева, професор по економски предмети