Редизајн на веб сајтот на гимназијата: Нашиот ученик Мартин Николов ја продолжува традицијата на иновации

СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, гордо го претставува редизајнираниот веб сајт (https://dobridaskalov.edu.mk), кој оваа учебна година беше изработен од ученикот Мартин Николов, III-4 клас, Природно-математичко подрачје. Овој проект е уште еден доказ за посветеноста на училиштето кон технолошкиот напредок, како и за мотивирањето на учениците да придонесуваат кон модернизацијата и дигитализацијата на училишните процеси.

Историјата на веб-сајтот започнува во учебната 2010/2011 година, кога проф. по информатика, м-р Зоран Милевски, го креираше првиот веб сајт на гимназијата. Веб сајтот на гимназијата континуирано се  збогатува со сите значајни настани и активности.

Почнувајќи од учебната 2018/2019 година креиран е нов веб сајт на училиштето, изработен од ученикот Блаже Бањански под менторство на проф. Милевски. Сите податоци од тој период беа документирани и пренесени на новиот сајт.

Надградувањето на сајтот продолжи низ годините, благодарение на ученици кои активно се вклучија и понудија дополнителна поддршка на професорите по информатика со тоа што го ажурираа и поставуваа нови содржини:

  • Во периодот од учебната 2018/2019 до 2021/2022 година, учениците Трајче Мукаетов, Благој Јорданов и Антонио Несторовски, под водство на проф. Милевски, посветено го одржуваа сајтот.
  • Од учебната 2022/2023 до денес, учениците Мартин Николов и Кирил Василев, со истата поддршка од својот ментор, внесоа свежи содржини и нови функционалности.

Во учебната 2024/2025 година, Мартин Николов го редизајнираше веб-сајтот, применувајќи најсовремени трендови во веб-дизајнот. Со својот креативен пристап, тој создаде модерен и функционален сајт кој ќе служи како дигитална платформа за сите училишни активности. Дополнително, во овој проект придонесоа и неговите соученици Димитри Тодоров, Васил Трајков и Владимир Костов, кои работеа на обработка на фотографии и видеа, збогатувајќи го визуелниот изглед на сајтот.

СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ продолжува да биде пример за успешно интегрирање на технологијата во образовниот процес, притоа поттикнувајќи ги своите ученици кон иновации и креативност. Редизајнот на веб сајтот е доказ дека заедничката работа на ученици и ментори создава проекти кои го унапредуваат училиштето.