Меѓународната соработка продолжува: Шведски ученици во посета на Кавадарци и Гимназија „Добри Даскалов“

Во периодот од 4 до 8 мај 2026 година, Гимназија „Добри Даскалов“ Кавадарци беше домаќин на ученици и професори од гимназијата „Курт Николин“ од Финспанг, Шведска, во рамките на долгогодишната соработка и размена на ученици меѓу двете училишта.

Во заедничките активности беа вклучени 28 ученици од Шведска и 28 ученици од нашето училиште, кои во текот на неколкудневната програма имаа можност за заедничка работа, дружење и запознавање со културата, традицијата и знаменитостите на Кавадарци.

Гостите од Шведска беа пречекани од професори од гимназијата и од директорот на училиштето, м-р Зоран Милевски, кои им посакаа топло добредојде и успешен престој. Учениците од двете училишта реализираа повеќе заеднички активности, при што посебен акцент беше ставен на тимската работа, меѓукултурната размена и креативното изразување.

Во рамките на посетата, учениците ги посетија Спомен „Костурница“, Музеј галеријата, Куќата на мирисот и вкус и Винскиот музеј, каде имаа можност подобро да се запознаат со историјата, традицијата и винската култура на Тиквешкиот регион.

За време на престојот, учениците работеа на изработка на видео-содржини посветени на градот Кавадарци, неговите знаменитости, култура и секојдневниот живот. Преку заедничката работа тие создадоа креативни видеа, истовремено развивајќи пријателства и разменувајќи искуства.

На крајот од посетата, учениците ги презентираа изработените видеа пред професорите и учесниците во проектот. Покрај овие активности, беа реализирани и спортски активности во спортската сала на гимназијата, каде учениците од двете училишта имаа можност дополнително да се дружат и да го зајакнат тимскиот дух.

Со оваа посета уште еднаш се потврди успешната и долгогодишна соработка меѓу двете училишта, која продолжува да создава нови пријателства, искуства и можности за младите.