Пролетна акција за чистење „Генералка викенд“

На 8-ми мај 2026 година согласно дописот од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието кои ја организираат активноста Еко час, во нашето училиште се спроведоа низа активности кои се дел од големата пролетна акција за чистење наречена Генералка викенд. Оваа акција е организирана со поддршка од „Мен енд маунтен“, а Еко часот е активност поддржана од УНИЦЕФ и Шведска.

Главната цел е подигнување на еколошката свест кај младите и директен придонес кон почиста и поздрава животна средина. Целта на Еко часот е да се поврзе практичната работа на терен со наставата, бидејќи грижата за животната средина се учи и преку настава и преку активно учество во акции за чистење, пошумување и зачувување на природата.

Со поддршка на директорот на гимназијата, м-р Зоран Милевски, активно се вклучија над 200 ученици од прва, втора и трета година заедно со своите наставници: Богде Коцева – наставник по биологија, Анкица Деков – наставник по биологија, Јасминка Ризова, стручен соработник – педагог, Лоска Давчева – наставник по економски предмети, Кирил Мукаетов – наставник по ликовна уметност, Валентина Димитрова – наставник по географија, Жанета Делова – наставник по економски предмети, Татјана Ралевска – наставник по правни предмети, Гордана Еленова – наставник по македонски јазик и литература, Наташа Матакова – наставник по историја, Ленча Анѓушева-Чаушева – наставник по англиски јазик, Александра Кароловска – наставник по англиски јазик и Марија Добринова – наставник по правни предмети.

Акцијата започна со кратка воведна средба со учениците за давање информации, насоки за работа, како и упатства за безбедност при работа. На учениците им беа поделени и работни материјали, ракавици, кеси, вреќи за отпад, метли, гребулки и сл.

Учениците реализираа активност за чистење внатре во училиштето, во училници и кабинети, потоа чистење надвор од училиштето и тоа чистење на спортските терени на гимназијата, чистење на целиот училиштен двор, садење на цвеќиња во дворот, подготовка на ликовна изложба на две паноа во холот на училиштето, изработка на контејнер од картон за селектирање на отпад за рециклирање, реализација на два експерименти за климатските промени, презентации и пишување на еко пораки.

Акцијата помина во одлична атмосфера и со висок степен на соработка меѓу учениците. Преку оваа активност нашето училиште уште еднаш покажа и докажа дека со заеднички труд може да се направи видлива промена. Собраниот отпад беше оставен на соодветни места, во контејнери за понатамошно рециклирање.

Ќе продолжиме и натаму со вакви исти или слични еколошки акции со цел одржување на континуитет во грижата за околината.

Им благодариме на сите ученици и наставници кои денес несебично го вложија својот труд и време и се вклучија во оваа голема пролетна акција за чистење.

#екочас2026