Долгогодишната и успешна соработка меѓу нашата гимназија и Музеј-Галеријата претставува пример за значајно поврзување на образованието, културата и историјата.
Низ годините, со заедничка посветеност и ентузијазам, реализирани се бројни заеднички проекти, изложби, едукативни активности и други културни настани, преку кои учениците имаа можност непосредно да се запознаат со богатото културно и историско наследство.
Особено значајно е повеќегодишното учество на нашите ученици во археолошки ископувања, каде што имаа можност стекнатото знаење од училницата да го применат во реални услови и одблиску да се запознаат со работата на археолозите и значењето на заштитата на културното наследство.
Како признание за досегашната успешна соработка и придонесот во реализацијата на заедничките активности, Музеј-Галеријата додели благодарница на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“. Оваа благодарница беше доделена во рамките на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Музеј-Галерија Кавадарци. Ова признание е потврда дека преку заедничката работа на образовните и културните институции се создаваат вредни можности за младите, се поттикнува нивната љубопитност и се гради почит кон културата, историјата и наследството.
Продолжуваме заедно да создаваме знаење, искуства и спомени за идните генерации!











