Денот на љубовта одбележан и во нашето училиште


Објавено на: 16.02.2010

,,Да се сведе вселената на едно суштество, да се возвиши едно суштество до Господа, тоа е љубов. Љубовта е поздрав што го праќаат ангелите до ѕвездите. Она што го почнува љубовта може да го заврши само Господ, а да се умре од љубов- тоа значи да се живее од неа”.
(Виктор Иго) 

     valentajn1 valentajn2 valentajn3                                                                                                             Во пресрет на денот на вљубените,14-ти февруари, членовите на ученичката заедница од нашето училиште во соработка со училишниот психолог, проф. Душанка Иванова, подготвија мал проект за одбележување на најдолгоочекуваниот празник од годината, Свети Валентин.

Проектот се состоеше од изработка на презентација на најубавите љубовни мисли која беше емитувана во училишниот хол, пристоен декор и поставување паноа каде сите ученици кои некогаш ја почувствувале најубавата емоција на светот имаа можност да ги врежат своите имиња и исповедаат своите љубовни искуства.

      valentajn4 valentajn5 valentajn6
Како популација која важи за најчувствителна на оваа тема, учениците од нашата гимназија изразија големо задоволство и позитивни критики во врска со целата идеја и организација, како и огромна желба за слични активности и соработки во блиска иднина.
Она што го остави овој настан како отворено прашање кај сите нас беше: дали еден ден е доволен за да се покаже целата љубов која се чувствува? Дали постои потребата од чекање на тие дваесет и четири часа во текот на цела година за да се шепне едно тивко ,,те сакам”, да зачука едно невино срце, да се подари една топла прегратка или да се усреќи една личност?

Несомнено, одговорите треба да ги побараме длабоко во самите себе. А единствен начин да го сториме тоа е да го свртиме клучот на нашите срца и да го продолжиме синџирот на најголемата движечка сила на светот…на љубовта.