Донација на современа училница за гимназијата од Универзитет „Гоце Делчев“ Штип
Објавено на: 18.04.2017
Нашата гимназија ја проширува и зацврстува соработката со Универзитетот „Гоце Делчев“ со цел да придонесе за подобрување на наставниот и образовниот процес. За таа цел, УГД помогна во опремувањето на една современа училница од новоизградените училници во гимназијата.
Проректорот за настава на УГД проф. д-р Кирил Барбареев истакна дека станува збор за една современа, стимулативна средина за учење. Универзитетот споделува дел од својата информатичка технологија со цел да има подобрување на воспитно-образовниот процес во таа средина, учениците да добиваат многу повеќе информации за тоа што се случува како современа информатичка технологија на Универзитетот. Исто така, тој најави дека на ваков начин ќе имаме многу почести средби на професори од факултетите на УГД заедно со средношколците од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ во Кавадарци, со цел создавање на некои проектни активности каде што учениците уште во текот на своето средно образование веќе ќе се определуваат за својата идна професија и градење на многу почести врски со средното образование.
{qtube vid:=toGJQNfXHN8}
Во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ во Кавадарци е доделена современа интерактивна табла која е мултифункционална, може да се користи за настава, но и за обука на наставниците, за видеоконференциски врски со други училишта во земјава и надвор од неа, за држење на методски активности на студентите од наставничките и филолошките факултети, за учење на јазици, бидејќи со мало доопремување, со слушалки и микрофони, таа може да стане и симулациона училница. Постојат повеќе можности да ја користат и ученици од основните училишта. Според проф. д-р Кирил Барбареев, ова е само почеток на споделување на она што го има Универзитетот и допрва може да се очекуваат и нови, суштински активности помеѓу УГД и нашата гимназија, имајќи ја предвид одличната соработка што досега ја има УГД со нашето училиште.
Добрата соработка ја потврди и директорката г-ѓа Невенка Поп-Ангелова. Досега соработката се состоеше во организација на обука за наставниците за МУДЛ системот за електронско учење, вклучување во проект „Интегрирање на електронското учење во училниците“ – iOERc на Еразмус+ програмата, со проект за отворени едукативни ресурси, кој уште трае.
Директорката истакна дека како континуитет на таа соработка ја промовираме и оваа современа средина за учење, во која донира УГД, и сметаме дека таа ќе придонесе за подобрување на условите во нашето училиште во насока на подобрување и осовременување на наставниот процес. Оваа училница ќе се користи и од наставниците, но и за обуки и дисеминации на наставниците, како и за одржување на часови во неа. Мора да бидеме во тренд со современите текови во образованието, за наставата да биде што поинтересна за учениците и тие да добијат што поголем фонд на знаења. Сето ова е во насока и функција на поквалитетен наставен процес, а нашата соработка ќе продолжи со суштински проекти, за применување на сите иновации во наставниот и образовниот процес.