Гимназијалците – најдобри музички таленти во државата


Објавено на: 28.05.2016

Талентот, трудољубивоста, часовите поминати над музичките инструменти надоградувајќи ги своите музички знаења, работливоста и желбата за успех ги доведоа младите гимназијалци на врвот на Државниот натпревар. Натпреварот се одржа во Домот на културата„Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци каде во голема конкуренција жири комисијата го препозна најдоброто. СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ се закити со две први награди-прво место за гимназискиот хор и прво место за гимназискиот оркестар.

13181140 867722820039982 1434584145 n

Овие награди се посебно значајни затоа што со нив се продолжи успешната традиција. Гимназискиот хор за првпат е формиран во 1966 година и секогаш е еден од најуспешните во поранешна Југославија. Многу настапи, многу признанија, многу пофалби, а во периодот од 1966 до 1991 година добитник на четири први места. Во 1971 годнина гимназискиот хор се закити со највисокото признание за постигнати резултати од областа на музиката-наградата 7 Септември. Овој хор како вистинска гордост на училиштето, градот и државата ја прекина својата работа во периодот од 1994 до 2004 година. По десетгодишна пауза со нови сили и знаења се возобнови хорот, а некоја година подоцна се формира и гимназискиот оркестар.

Златниот глас и безвременскиот допир на музиката преку младите гимназијалци ги збогатија прославите во гимназијата и градот Кавадарци. Покрај културното уживање кое и го овозможуваат на својата публика не изостануваат и наградите како признание од музичари за нивната макотрпна работа и талентот кој го поседуваат. Хорот со највисока награда- прво место на Државен натпревар, се закити во 2011, 2012, 2014 и 2016 година, а оркестарот 2012 и 2016 година.

13187637 867723186706612 111289046 n

Учениците беа на прием кај Директорката на Гимназијата Невенка Поп-Ангелова, која срдечно им ги честита освоените награди и ги потсети дека гимназијата секогаш се гордее со вакви ученици- работливи, трудољубиви, желни за успех и за развој на своите таленти. Насмевката на нивните лица говореше многу повеќе од зборови. Тие ја продолжуваат успешната традиција на гимназискиот хор и оркестар, предводени од својот ментор, проф.по музичка уметност Драган Вељковиќ кој со своите знаења, својот професионален однос кон работата, принципиелноста ги донесе своите ученици на заслуженото место-на врвот.

Уште долго ќе се слушаат гласовите на хористите и звукот на музичките инструменти од салата за вежбање, уште многу награди ќе ги красат ходниците на гимназијата, уште многу генерации ќе ја продолжат традицијата. Честитки за големиот успех!