Македонска олимпијада по информатика
Објавено на: 17.05.2010
После успешните Eлектронски натпревари, Регионалните и Државниот натпревар по информатика дојде време најистрајните и најамбициозните млади програмери да се соочат меѓу себе на XIV Македонска олимпијада по информатика и со тоа да се комплетира тимот кој ќе ја претставува Македонија на меѓународните натпревари.
Организатор на натпреварот како и секоја година е Здружението на информатичари на Македонија, а нашето училиште ја имаше честа да се сноси со титулата домаќин на ова збиднување од републички карактер.
XIV Македонска олимпијада по информатика-МОИ се одржа на 15.05.2010год. (сабота) со почеток во 9:30 часот. По пристигнувањето на учесниците заедно со нивните ментори, отворањето на олимпијадата беше обележано со свечено обраќање на претседателот на Здружението на информатичари на Македонија г-дин Миле Јованов и директорката на нашето училиште Невенка Поп – Ангелова кои на натпреварувачите и нивните ментори им посакаа успех и пријатен престој.
На Олимпијадата меѓусебно се натпреваруваа дваесет и три ученика од прва до четврта година, од кои деветнаесет во официјална, и четворица во неофицијална конкуренција. Натпреварувачите пред себе имаа три задачи кои бараа поголеми познавања, поголема припременост и логичко размислување отколку задачите со кои тие се соочија на досегашните натпревари. Решавањето на зададените проблеми како и досега се одвиваше во еден од трите понудени програмски јазици Pascal, C и C++. По завршувањето на натпреварот следеше сумирање на поените, за финалните резултати да бидат објавени во 16:00 часот, при што со медали се закитија следниве ученици:
Официјална конкуренција
Освоени златни медали
1. Предраг Груевски, ПСУ “Јахја Кемал” – Скопје
2. Христијан Богоевски, ПСУ “Јахја Кемал” – Скопје
Освоени сребрени медали
1. Младен Димовски, СУ “Раде Јовчевски Корчагин” – Скопје
2. Ѓорѓи Јанчески, СУ “Раде Јовчевски Корчагин” – Скопје
3. Никола Фурнаџиски, ПСУ “Јахја Кемал” – Скопје
Освоени бронзени медали
1. Дениз Џумкар, ПСУ “Јахја Кемал” – Скопје
2. Филип Станковски, ПСУ “Јахја Кемал” – Скопје
3. Кирил Цветков, ДСУ “Митко Пенџуклиски” – Кратово
4. Максим Трифуновски, ПСУ “Јахја Кемал” – Скопје
Неофицијална конкуренција
Освоени бронзени медали
1. Евгенија Стеваноска, Гимназија “Мирче Ацев” – Прилеп
2. Јован Андонов, СУ “Раде Јовчевски Корчагин” – Скопје
Свеченото затворање и доделувањето на наградите започна во 17:00 часот во Кино-салата на гимназијата. Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет, како редовен подржувач на натпреварите, на најдобро пласираните натпреварувачи им обезбеди бесплатно студирање. Благодарност беше искажана до градоначалникот на општина Кавадарци, г-дин Александар Панов и до спонзорите на натпреварот за несебичната подршка. Благодарници им беа врачени и на Невенка Поп-Ангелова – директорката на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“, Андосија Ристова – професор по информатика, Благородна Лазова – професор по информатика, Јасминка Иванова – педагог и Зоран Милевски – дипломиран информатичар, за придонес во организацијата на овогодинешната информатичка олимпијада.
И оваа година младите и амбициозни програмери со ентузијазам го прифатија предизвикот наречен Македонска олимпијада по информатика за да ги покажат своите способности, да ги развиваат своите потенцијали и уште еднаш да се докажат во она што тие најдобро го умеат. Нам ни претставуваше огромна сатисфакција да бидеме домаќини на еден така значаен настан. На победниците од срце им честитаме, а на сите учесници им посакуваме уште многу понатамошни успеси.