Невработени лица на стручно оспособување во Гимназија „Добри Даскалов“


Објавено на: 06.05.2014

Гимназија „Добри Даскалов“ го збогати своето училишно искуство со нова активност која претставува вистински предизвик затоа што е прва од ваков вид реализирана во ова училиште.

Центарот за стручно образование и обука и Центарот за вработување склучија договор со Гимназија„Добри Даскалов“ како изведувач на обуката за стручно оспособување на невработени лица кои ќе се стекнат со сертификат-помошник во сметководство.

Програмата за обуката напишана од професорите по економски предмети, Лоска Давчева и Костадинчо Петров е одобрена од страна на Центарот за стручно образование и обука. Почнувајќи од 1 април, во следните три месеци ќе се реализира обуката и кандидатите ќе се стекнат со теоретски знаења од областа на сметководството. Тоа што заслужува посебно внимание е што овие невработени лица сите стекнати теоретски знаења ќе можат да ги поткрепат и со пракса во фирмите со кои училиштето договори активности. Знаењето е вистинско само ако теоријата ја најде својата примена практично.

Гимназија„Добри Даскалов“ со реализирањето на оваа активност уште еднаш ја покажува својата стручна подготвеност да одговори на побарувањата на пазарот на трудот.Во иднина училиштето ќе ги следи отворените конкурси и активно ќе учествува користејќи го потенцијалот на училиштето и вработените за активности кои се во интерес на општеството.