Образовна манифестација „Образовно рандеву” и учество на ученици од СОУ Гимназија „Добри Даскалов”- Кавадарци
Објавено на: 19.06.2023
„Образовно рандеву” е образовна манифестација со натпреварувачки карактер, организирана од МАССУМ (Младинска асоцијација на средни стручни училишта), Министерството за образование и наука и УСАИД, наменета за учениците од средните стручни училишта во Република Северна Македонија. Истата, е значаен средношколски настан во нашата држава, на кој голем број ученици се натпреваруваат во најразлични категории, поврзани со нивниот кариерен развој и стекнувањето лични вештини и компетенции што ќе им бидат потребни во иднина за учество на пазарот на трудот.
Секоја година, СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци, преку ЛМО „Млади лидери” при Гимназијата, зема активно учество во оваа манифестација, промовирајќи го училиштето, освојувајќи награди во одделни категории, а со тоа зајакнувајќи ги капацитетите во човечки ресурси – ученици и наставници преку подготовување за лидерство, нивен личен напредок и поголем успех во кариерата.
Оваа година, образовната манифестацијата „Образовно рандеву”, се одржа на 5 и 6 мај 2023 година во СЕОУ „Гостивар” – Гостивар. СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци, преку економско-правна и трговската струка, учествуваше на истата со вкупно 30 ученици и 9 професори-ментори: Давчева Лоска, Иванова Душанка, Петкова Васка, Лазова Благородна, Прокопов Костадин, Коцева Богде, Делова Жанета, Велков Блаже и Ризова Јасминка, а во категории поврзани со кариерниот развој на учениците, стекнувањето знаења, умеења и вештини за: јавно говорење, интервју за работа, изготвување маркетинг план, пинг-понг, баскет, изготвување видео реклама, изготвување филм, изработка на фотографија, постер, WEB страна, поетско изразување и модна ревија.
Учениците се закитија со две награди, во две категории. Имено, во категоријата „Подготвен јавен говор”, ученичката Несторовска Стефанија, чиј ментор беше професорот Прокопов Костадин, освои III (трето) место.
Во категоријата „Најдобар филм”, учениците: Тодоров Димитри и Трајков Васил, чиј ментор беше професорката Петкова Васка, освоија III (трето) место, за филм од жанрот: експериментален, под име „Борбата против себе”
Во сите категории, учениците остварија солидни резултати и покажаа знаење, креативност, самодоверба, самоиницијативност, лидерски способности, организациски и комуникациски вештини, спортски дух…
Веќе 17 години, ЛМО при Гимназијата, „Млади лидери“, под менторство на професорката по економски предмети, Давчева Лоска, успешно работи на јакнење на капацитетите на учениците од економско-правна и трговската струка, со профилите: економски техничар и правен техничар, нивно подготовување за лидерство, нивен личен напредок и поголем успех во кариерата. ЛМО „Млади лидери” при СОУ Гимназија „Добри Даскалов” – Кавадарци има мисија, визија и слоган.
Мисија: „Млади лидери“ е динамична младинска организација која ќе го подобри животот на младите, преку подготовки за лидерство, нивен личен напредок и поголем успех во кариерата.
Слоган: „Мисли, твори, креирај – води !“
Визија: За да бидеш лидер треба секогаш критички да размислуваш и тоа треба да те води кон творење, создавање на нешто што можеш да го правиш, да умееш да ги изразуваш со твое творење и индивидуалните способности и афинитети, и сето тоа е основа да ги видиш и другите личности во иднината и да допринесеш да ја промениш положбата во која се наоѓаш, а со тоа ќе допринесеш за подобрување на животот на младите. Сето тоа води кон успех во кариерата на секој поединец.
Прилогот го подготви,
Давчева Лоска, професор по економски предмети