Одбележување на патрониот празник
Објавено на: 22.11.2015
Свечен ден,13.11.2015 година, јубилејно одбележување на патрониот празник-70 години образование и работа на СОУ Гимназија „Добри Даскалов“. Радост во срцата на вработените, возбуда кај учениците, насмевки кај гостите. Достојна почит се оддаде со положување цвеќе пред бистата на патронот од страна на вработените и директорката на училиштето, претставници на Локалната самоуправа и семејството на Даскалов. Учениците преку химната која ја изведе хорот на училиштето и рецитацијата „Тиквешкиот војвода Добри Даскалов“ од страна на ученичката Маргарита Лазова испратија силна порака: „Не еден, не сто, илјадници сме…..“ . Млади луѓе кои го следат делото и патот на патронот-борбеност, своја визија, истрајност, решителност….
Од името на вработените и од свое лично име директорката им се заблагодари на сите присутни кои дојдоа на чествувањето на патрониот празник истакнувајќи: „Се поклонуваме денес со чувство на најдлабоко почитување кон делото на Добри Даскалов и кон втемелувачите и основачите на ова училиште и неговите ученици….. Овие 70 години гимназијата расте и се развива. Знаењето е сила, знаењето е моќ, но за нас знаењето е и обврска и одговорност за да продолжиме да чекориме кон постигнување на нови успеси и знаења.“
Поп-Ангелова говореше за многубројните проекти во кои е вклучена гимназијата, за претстојните активности кои ќе придонесат за подобрување на условите за работа, за успесите на наградените ученици и нивните ментори.
„Јавноста очекува од нас, како гимназија која ги негува традиционалните вредности, во иднина да го осветлиме небото со топлина, знаење и храброст и да се обидеме во секој момент да најдеме решение и подготвено да им приоѓаме на сите предизвици во животот.Оваа гимназија и понатаму ќе биде пример и гордост на кавадаречкото образование, култура и традиција. Успехот се случува во оној момент кога сме дале се и кога продолжуваме да даваме се од себе„-со оваа мисла директорката на гимназијата, г-ѓа Невенка Поп-Ангелова го заврши своето обраќање.
Присутните имаа можност да го проследат краткометражниот документарен филм за животот и смртта на војводата Добри Даскалов, чие име со најсветли букви го испиша македонската историја. Беше отворена Лигата на класно првенство во мал фудбал во училишниот двор, а во холот беше поставена изложба на цртежи од учениците на тема: „Визијата за слобода на нашиот патрон“.
Дружењето во наставничката канцеларија со пригоден коктел беше збогатено и со неколкумина пензионери кои дојдоа на прославата на патронот во институцијата која беше нивни втор дом. Емоциите не можеа да се скријат, разговорите за едно време дамнешно и сегашно. Спомените не така далечни, визиите за училиштето и анегдотите со колегите и учениците ја исполнија канцеларијата со позитивна енергија, измешана со тага за времето…..поминато, но никогаш незаборавено. Заедничките фотографии на постарите колеги кои го завршиле работниот век и помладите кои сега ја продолжуваат нивната мисија беа само мост на генерациите кои остануваат како драг спомен да сведочат за заедничката цел, за единството , за мисијата, за сонот….за животот.
Вториот дел од прославата на патрониот празник ќе се одржи на 04.12.2015 година во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“. Подготвена е културно-уметничка програма „Мојот сон“, а присутните ќе имаат можност да ја видат и изложбата на уметнички слики од Роска Трајкова-професор по англиски јазик во гимназијата.