Патрониот празник на училиштето -празник на младоста, трудот и успехот


Објавено на: 22.11.2019

„Нашата борба е борба на целиот наш народ. Таа ја расчистува темнината и носи светол сончев ден – слободата…“-Добри Даскалов

 

За овој свет,еден и единствен,треба се да сториме,само тој го имаме-беше мото на свеченоста со која СОУ Гимназија„Добри Даскалов“ на 13 ноември го чествуваше својот патронен празник. Празнично чувство кај вработените и учениците затоа што прославија 137 години од раѓањето на големиот револуционер и тиквешки војвода Добри Даскалов,чие име денес со гордост го носи оваа гимназија.

Со чувство на најдлабока почит кон делото на Добри Даскалов пред неговата спомен-биста во училиштето свежо цвеќе положија директорката и вработените, градоначалникот и  претставници од Локална самоуправа и ученици од ученичката заедница на училиштето.

Историски осврт на ликот и делото на Даскалов даде проф.Наташа Матакова, која ја изработи изложбата во холот на училиштето.Присутните имаа можност да се потсетат на неговите биографски податоци, на неговата прерана смрт, но и на неговите најзначајни мисли и пораки.Добри Даскалов беше сила од човек. Од него се плашеше и Цариград и Софија. Добри е Сандански за Тиквешијата. Добри е тиквешки Питу Гули и Никола Карев едновремено.“-Коста Дабижа,крушевски војвода од времето на Илинденското востание.

На почетокот од свеченоста која се одржа во киносалата на гимназијата, директорката г-ѓа Невенка Поп-Ангелова им се обрати на присутнитеистакнувајќи дека мислата на Даскалов„Ние не се бориме за себе туку за својот народ“ е мисла што не мотивира и води да работиме добро во ова време на брз технолошки развој, глобализација и големи реформи во образованието. Ја истакна улогата на сите професори и раководители кои со години  решаваат една од најтешките задачи:како да се воспитуваат и образуваат младите,како да се научат да препознаат што е добро,вистинско и полезно.Како резултат на неуморната работа на професорите и желбата за успех на нивните ученици,директорката ги истакна сите ученици кои имаат освоено награди на државни и меѓународни натпревари.На крајот од своето говорење на присутните им се обрати со зборовите:„да уживаме и учиме од овие млади луѓе, да погледенеме за миг со  нивните очи, да го слушне срцето наше нивниот глас-за овој свет,еден и единствен треба се да сториме,само тој го имаме“.Гимназијата останува пример за училиште кое е расадник на трајни знаења и вештини, гордост на кавадаречкото образование,традиција и култура.

Присутните во салата имаа можност да проследат дел од ораторскиот проект„За овој свет“подготвен од проф.Душанка Иванова и проф.Васка Петкова.Учениците водени од мислата„Подигни ги твоите зборови,не твојот глас.Дождот е тој што прави цвеќињата да растат, а не громотевиците“,ги кренаа своите зборови и испратија јасна порака дека пред негативните појави во општеството не треба да се премолчува, туку да се говори и да се допре до свеста на луѓето.Преку своите авторски текстови говореа за светот во кој живееме и светот во кој би сакале да живееме.Говореа за љубовта,семејството,толеранцијата,болката поради иселувањето на младите,среќата во нематеријалните нешта…Присутните во салата за миг погледнаа на овој свет преку очите на овие млади луѓе и ги видоа сите болки на современото општество,но и начинот на кој може да се излечат-со љубов,толеранција и вистинско пријателство.Звуците на музичките инструменти ја исполнија салата,а гостите вистински уживаа во изведбата на „Полско цвеќе“,„Македонско девојче“ и „За овој свет“од страна на училишниот хор и оркестар под водство на проф.Драган Вељковиќ.Јазикот на музиката ги стопли и разнежни срцата на присутните кои не го штедеа аплаузот за младите уметници,гордост на училиштето и градот Кавадарци.Сите заедно ја испратија пораката дека за поубав свет треба да се бориме со работа,труд,  почитување и успеси.

Крајот на прославата беше резервиран за сплет од аеробик и модерни танци,проект на професорите од активот по спорт и спортски активности.Околу сто гимназијалци вежбаа аеробик и играа модерен танц во спортската сала на гимназијата.Вистинско уживање преку спојот на младоста,енергијата и гласно изговорените пораки за здраво живеење.

Во холот на училиштето согласно програмата„Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ беше претставена кампањата„Здрав живот“.Изработките на учениците на две паноа испратија јасна порака на тема“Здрава исхрана“и „За подобар имунитет“ со единствена цел да се подигне свеста за здравјето на човекот, влијанието на исхраната и спортувањето.Овие ученици работеа под менторство на проф.Јасминка Ризова и проф.Богде Коцева.

Во знак на есента-годишното време во кое го прославуваме патрониот празник беше изработен есенски колаж од ученици од прва година под менторство на проф.Елизабета Иговска.Учениците од гимназијата, поттикнати од проф.Ванчо Кеков,на дело ги покажаа своите таленти и го украсија училишниот хол со уметнички дела.

Гимназијата достојно го прослави својот патронен празник и навистина се гордее со трудот и успесите на сегашните ученици кои  ја продолжуваат традицијата и успешната приказната која трае.