Пехарот во рацете на кошаркарките
Објавено на: 10.05.2016
Да работиш во тим, да играш како тим, да бидеш заедно и во падови и подеми, да му подадеш рака на победникот, а да уживаш во својот успех…Да се гордееш и да веруваш дека можеш уште повеќе, да го претставуваш училиштето и да го закитиш со медали, да бидеш дел од кошаркарската историја на гимназијата, генерациите кои доаѓааат да се радуваат на твојот успех и да бидеш нивна мотивација, да ја продолжиш традицијата……
Сите сплотени како еден, возбуда и жар во очите, а радост во срцата…..Тоа е сликата на младите гимназијалки кои денес беа на прием кај Директорката на Гимназијата Невенка Поп-Ангелова. Не постоеја зборови да ја искажат радоста од успехот од освоеното второ место на Гимназијадата, во категоријата- кошарка жени, на која учествуваа во периодот од 8 до 10 мај во Куманово. Пресреќни го донесоа пехарот во канцеларијата на Директорката, раскажувајќи за впечатоците од натпреварите, но и за силната мотивација која ги водела за време на играта. Противниците биле поискусни, ученички од IV година, а екипата од нашето училиште е составена од ученички од од I,II,III година. Една млада екипа која ветува уште многу успеси и радост за сите.
Директорката им честита не криејќи ја радоста за нивниот успех и им додели дипломи од Федерацијата за училиштен спорт. Поддржувајќи го секој успех на гимназијалците, им вети нови дресови на младите кошаркарки и награди за победниците во рамките на можностите на училиштето. До сега гимназијалките шест пати го освојуваат второто место во периодот од 1986 до 2016 година (1986,1996,1998,2001,2011 и 2016).
Ученичките заедно со своите ментори беа презадоволни затоа што со овој успех ја продолжија низата на традиционални успеси на полето на кошарката и уште еднаш докажаа дека кавадаречката гимназија е расадник на таленти со кои се гордее училиштето, градот Кавадарци и државата.