Денес во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ успешно беше реализирана симулација на пожар и евакуација на учениците и вработените, со цел учениците и вработените практично да се запознаат со правилното и безбедно постапување во кризна ситуација.
Вежбата беше реализирана во соработка со Противпожарната единица, Дирекцијата за заштита и спасување , Општата болница Кавадарци, Црвениот крст, Центарот за управување со кризи и ОВР Кавадарци. Со своето присуство и поддршка, вежбата ја следеше и градоначалникот на Општина Кавадарци, д-р Митко Јанчев.
Учениците и вработените покажаа подготвеност, присебност, дисциплина и способност за соодветно реагирање во услови на опасност. Тие практично го применуваа знаењето за брзо и мирно напуштање на училниците, движење по обележаните евакуациски патишта и собирање на определеното безбедно место.
Преку ваквите активности уште еднаш се потврдува значењето на навремената реакција, тимската координација и правилното постапување во итни случаи.
Во нашето училиште секоја година се реализира и Програма за обучување за самозаштита, преку која учениците се стекнуваат со практични знаења за постапување при пожар, земјотрес, поплави и други непогоди, како и со основи на прва помош и ракување со противпожарен апарат.
Особено сме горди што нашите ученици минатата година го освоија првото место на општинскиот противпожарен квиз „Пожарко“, а секоја година учествуваат и на натпреварите по прва помош.
Во текот на годината планираме реализација и на уште една евакуациска вежба, со која дополнително ќе ја унапредиме подготвеноста и безбедноста на нашата училишна заедница.
Голема благодарност до сите институции и служби за професионалноста, посветеноста и одличната соработка, како и до градоначалникот на Општина Кавадарци за поддршката.
Благодарност и до нашите ученици и вработени за одговорниот и сериозен пристап.
Се надеваме дека стекнатото знаење никогаш нема да биде потребно во реална ситуација, но важно е да бидеме подготвени – знаењето, присебноста и правилната реакција можат да спасат живот.











